На самиот почеток на февруарската филмска програма во Кинотеката (1 февруари, вторник) ќе бидат прикажани два македонски играни филма, „Сестри“ на Дина Дума и „Самоуништување“ на Ербил Алтанај. „Сестри“ е дебитантски долгометражен игран филм на Дума, кој веќе успешно чекори на фестивалите.
– Филмот на младата Дина Дума – за растењето на две девојчиња во типична постсоцијалистичка средина со изместени вредности, на многу начини, се надоврзува на филмот „Самоуништување“ на Ербил Алтанај од 1996 година, урбана трагикомедија за распаѓањето на семејството и „оѕверувањето“ на поединецот. Гледањето на „Самоуништување“ четврт век подоцна некако можеби ќе нè потсети дека сме заглавиле во времето на транзицијата: за жал – но и, за среќа, на авторите – филмот сè уште е свеж, како да е снимен вчера, според актуелните новински текстови и телевизиски прилози во црните хроники… – велат од Кинотеката.
Следуваат кратки филмови на уште еден млад македонски автор. Илија Павлов е комплетен автор – сценарист, режисер, директор на фотографија, монтажер – на неколку кратки, експериментални, документарни и долгометражни филмови снимени од 2014 г. до денес, па гледачите ќе имаат можност да видат избор од неговиот досегашен опус. Француската кинематографија со право го носи епитетот на една од најжилавите европски филмски индустрии, најмногу поради продукциските капацитети, широкиот дијапазон на жанрови и теми, а секако и авторските потфати. Оттаму, два наслова од француската кинематографија се на кинотечната програма на почетокот на февруари: драмата со емигранти во фокусот, „Демијан сака да го промени светот“ на Ксавиер де Шодан, во рамките на „Ноќта на идеите“ на Францускиот културен центар, и „Лифт за губилиште“ од 1958, култна крими-драма на Луј Мал. Токму овој дебитантски филм на Мал ќе му ја трасира успешната кариера од протагонист на францускиот нов бран до автор на холивудски хитови, но „Лифт за губилиште“ е клучен за подемот на Жана Моро како водечка европска актерка.

– Косовската кинематографија последниве години изнедри неколку одлични автор(к)и, а меѓу нив, секако, е и Блерта Башоли со „Улиште“, во кој продукциски учествува и Македонија. Нејзината социјална драма за премрежињата низ кои минува главната хероина, доби три награди на 38. филмски фестивал „Санденс“ во САД 2021 и е косовски кандидат за наградата „оскар“ за најдобар меѓународен филм – се вели во најавата за февруарската програма.
Популарниот актер Виго Мортенсен, со неговиот наградуван авторски филм „Опаѓање“, ја загатнува темата на семејните односи меѓу стариот конзервативен татко и неговите либерални деца, сега веќе возрасни луѓе. Кинотечната програма во февруари репризира неколку наслови од европските продукции, кои го вреднуваат вниманието на филмофилите, како и филмовите на Ањешка Холанд, Јан Матушински, Јан Комаса, Малгоржата Шумовска и Томаж Василевски од успешната Недела на полскиот филм што се одржа во декември.