Во издание на „Бата прес“ е објавена поетската книга „Антарес“ од младиот македонски поет Матеј Фенер. Објавувањето на делото е помогнато од Министерството за култура. Книгата е поделена во пет циклуси, а секој циклус содржи по 16 песни.
– Матеј Фенер е освежување во македонската поетска сфера. Негова определба се семиотиката и знаците на тајното писмо. Тој се претставува како поет што се стреми да направи синтеза на традиционалното и метафизичкото. Низ лирската вокација со богат спектар на асоцијации, стиховите сами ќе си ги пронајдат своите рефлексии кај читателите, кои со големо задоволство ќе ги откриваат тајните поетски знаци… знаците на поетот што егзистира низ вековите, бидејќи и светот е постанат од зборот… – бележи во рецензијата за делото поетот и книжевен критичар Мирче Нешовски.
Матеј Фенер е роден во Скопје, во 1996 година. Филолошки факултет студира во Прага. Уште во основно училиште се истакнува со своите поетски творби. Некои песни ги публикува во периодичните списанија уште во средното училиште, а во последниве неколку години објавува стихови и во електронските списанија и медиуми.