Жени уметници пролетва во „Тејт Британ“

Пролетва познатата британска галерија „Тејт Британ“ ќе ја претстави изложбата „Сега нѐ гледате: Жените уметници во Британија од 1520 до 1920 година“, амбициозна групна поставка што ќе го исцрта патот што го изоделе жените за да бидат препознаени како професионални уметници. Ова 400-годишно патување го отвора патот за идните генерации и го потврдува она што значи да се биде жена во британскиот уметнички свет. Изложбата го опфаќа периодот во кој жените работеле како професионални уметници, но тоа било спротивно на општествените очекувања.
Со претставување на делата на повеќе од 100 уметници, изложбата ќе опфати имиња како Артемисија Џентилески, Анџелика Кауфман, Џулија Маргарет Камерон и Гвен Џон, заедно со многу други што дури сега повторно се откриваат. Нивните кариери биле разновидни исто како и делата што ги продуцирале. Некои од нив ги мешале жанровите, а повеќето работеле пејзажи со акварел и претставувале сцени од секојдневието, како што се очекувало од нив. Други се осмелиле да се занимаваат со теми во кои доминираат мажи, како што се борбени сцени и актови, или воделе кампања за еднаков пристап до образованието во професионалните институции.
„Тејт Британ“ ќе прикаже над 200 дела, вклучувајќи слики, акварел, пастел, скулптура, фотографија, за да ја раскаже приказната за овие врвни уметници.
На изложбата „Сега нè гледате“ се претставува Левина Терлинк, чии минијатури првпат по четири децении се изложуваат заедно. Фокусот ќе биде ставен на една од најпознатите уметници во историјата на уметноста, Артемисија Џентилески, која создала големи дела, вклучувајќи ја и неодамна повторно откриената слика „Сузана и старешините“, за првпат позајмена од Кралската колекција. Изложбата исто така ќе опфати уметници како Мери Бил и Марија Верелст, познати по своите портрети во масло.

Во 18 век жените уметници учествувале и на првите јавни уметнички изложби во Британија: Кетрин Рид, потоа скулпторката Ен Сејмур Дамер и Маргарет Сара Карпентер, водечка фигура во нејзиното време, но малку се знае за неа. Поставката ќе ги претстави и Анџелика Кауфман и Мери Мозер, единствените жени вклучени меѓу членовите основачи на Кралската академија на уметностите. Биле потребни 160 години за да ѝ се додели членство на една жена. Жените уметници од оваа ера често се отфрлани како аматери што се занимавале со „женски работи“ како акварел и сликање цвеќиња, иако примерите покажуваат нешто друго. На пример, авторката на минијатури Сара Бифен сликала со уста, родена била без раце и нозе, или Августа Витерс, која била ботаничка илустраторка вработена во Хортикултурното друштво.
Викторијанскиот период ги опфаќа делата на Елизабет Батлер, чие дело го поттикнало критичарот Џон Раскин да ја повлече својата изјава дека „ниту една жена не може да слика“, потоа актовите на Хенриета Реј и Ени Свинертон. Поставката ќе ја разгледа и поврзаноста на жените со активизмот преку сатиричното „Женско дело“ на Флоренс Клакстон, кое ќе биде изложено за првпат откако е насликано. Во поставката се и делата на Барбара Ли Смит Бодичон, рана членка на Друштвото на женски уметници, која е заслужна за кампањата жените да бидат примени во училиштата на Кралската академија. На изложбата ќе бидат и студентските трудови на жените што конечно биле примени во уметничките училишта, како и нивните петиции за еднаков пристап до часовите за цртање.
Изложбата завршува со уметниците од почетокот на 20 век, кога жените добиваат право на глас и оние што твореле во текот на Првата светска војна. Гвен Џон, Ванеса Бел и Хелен Саундерс одиграле важна улога во појавата на модернизмот. Последните уметници на изложбата, Лора Најт и Етел Вокер, се моќни примери на амбициозни, независни, самоуверени професионалки што постигнале признание од критиката и конечно добиле членство во Кралската академија. В.Д.