Ретроспективна изложба на академскиот сликар Предраг Урошевиќ-Пепи ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во галеријата на МКЦ.
– Главниот слоган на Пепи уште од средношколските денови беше: „Треба да ја сакаш уметноста во себе, а не себе во уметноста“. Веројатно, следејќи ја таа идеја во понатамошниот живот и во неговото творење многу тешко се вклопуваше во секојдневното клише на животот. Беше автор што тешко, а веројатно и воопшто не се вклопуваше во институционалните рамки на еден успешен уметник што беа наметнати во тоа време. Приказната за Пепи е приказна за уметник што тешко се препознава, а за кој уште потешко се признава неговата посебност. Беше автор свртен кон себе и кон малите минливи работи. Неговата приказна нема среќен крај, туку е приказна на талентиран уметник што не успеа да ги оствари сопствените творечки можности во полна мера, затоа што беше заглавен во нашата провинциска кал – вели Роберт Урошевиќ во пресрет на изложбата.
Предраг Урошевиќ-Пепи (1963 – 2007) во 1987 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство со сценографија, во класата на професор Родољуб Анастасов. Од 1987 година бил постојан член на ДЛУМ. Реализирал 19 самостојни изложби во земјата и во странство. Учествувал на повеќе групни изложби, како и во работа на неколку ликовни колонии: Интернационална колонија Смољан – Бугарија 1993; Лесново 1995; Чеплес 1996; Кичево 1999; Охрид 2001; Јоаким Осоговски – мал формат 2002. Во текот на 1991/92 има изведено интервенции во простор, во Кул-парк, пред Културно-информативниот центар во Скопје. Во 1993 година, по повод 30 години од земјотресот во Скопје, на перонскиот ѕид на старата железничка станица во Скопје, изработил мурал заедно со Тања Балаќ и Мирослав Масин. Во областа на графичкиот дизајн, има изготвено 13 книги, како и 13 каталози за ликовни изложби. Почнувајќи од 1997 година, работел и во графичката техника, при што за одбележување се интересот и успехот што ги постигнал со трите изложби на монотипии, од циклусот „Геопоетика“, одржани во Скопје, Белград и во Куманово. Од 2000 до 2002 бил член на уметничкиот совет на ДЛУМ.