Во дијалог: македонски визуелни уметници
Продолжува серијата разговори со визуелни уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на локалната и на меѓународната уметничка сцена, кои со своите дела, темите што ги обработуваат и со авторскиот интегритет се релевантни до денес. Изборот на авторите и разговорите се реализирани и модерирани од историчарката на уметноста и кураторка Ана Франговска. Вчера се одржа разговорот со уметникот Гоце Наневски, а за денеска е закажан разговор со Вана Урошевиќ.
Гоце Наневски е роден во 1974 година во Скопје. Предмет на неговите уметнички интереси се широки интердисциплинарни истражувања во морфологијата на скулптурата, инсталацијата, објектот и скулптурата во големи размери, кинетиката, звукот, амбиентот, фотографијата, перформансот и видеоуметноста. Автор е и на колаборативни дела што опфаќаат разновидни искуства и сознанија од повеќе дисциплини, преплетувајќи ги уметничките проседеа со оние на политиката, социологијата, антропологијата, механиката, електрониката, звукот и перформансот.
Дипломирал (1996г.) и магистрирал (2002г.) на отсекот скулптура на Факултетот за ликовни уметности, УКИМ, во Скопје. Вработен е на ФЛУ-Скопје како редовен професор на Катедрата за скулптура и трансмедиумски практики. Во интервалот 2012-2016 година ја извршувал функцијата продекан за настава, а од 2023 година бил продекан за финансии. Самостојни изложби: Сараево, Кавадарци, Прилеп, Скопје, Њујорк, Цетиње, Бања Лука, Венеција, (53. Венециско биенале, „Создавање светови“, со проектот „Педесет или Педесет“), Никшиќ, Пловдив, Велес. Групни изложби: Кавадарци, Скопје, Кошице, Битола, Приштина, Торино, Лисабон, Сараево, Цетиње, Баку, Минхен, Загреб, Каиро, Њујорк, Брисел, Варна, Ксанти, Велес, Прилеп, Лос Анџелес, Калдас да Раиња, Трст, Торес Ведраш, Констанца.
Вана Урошевиќ (1961, Скопје) е современa македонска ликовна уметница што дејствува на полето новите визуелни истражувања, при што користи несекојдневни материјали и техники. Освен слики на свила, изработува објекти и инсталации, користејќи понекогаш и елементи од органска природа: крзна, животински коски, инсекти. Во своите проекти вклучува документи, фотографии, анкети, искажувања, цитати. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Белград, во класата на професорот Младен Србиновиќ, а постдипломските студии ги завршила на истиот факултет, во класата на професорот Радомир Рељиќ, добивајќи звање магистер по сликарство. Во 1987 година имала студиски престој во Париз, а во 1988, како стипендист на италијанската влада, била на специјализација во Венеција, на Академијата на убавите уметности. Имала самостојни изложби во Скопје, Битола, Струга, Белград, Софија, Солун, Љубљана, Виена, Њујорк. Во 2002 година изложувала на Есенскиот салон во Париз, а во 2003 г. ја претставувала Македонија на Венециското биенале. Работи во Националната галерија на Македонија во Скопје. Од 2010 г., покрај самостојните настапи, реализира и заеднички проекти со Зоран Тодовиќ. Учествувала на голем број групни изложби: Љубљана. Белград, Сараево, Нови Сад, Загреб, Женева, Париз, Лондон, Хамбург, Берлин, Виена, Рим, Талин, Прага, Њујорк.