Промоцијата на публикацијата „Синергија во времето“ на уметникот Страхил Петровски ќе се одржи во Ликовниот салон во Велес, денеска, во 11 часот. Промотори на публикацијата ќе бидат Златко Теодосиевски, историчар на уметноста, Лазе Трипков, визуелен уметник, Дарко Николовски, историчар на уметноста
– „Читањето“ на ова негово патување низ времето е/треба да биде лично. Хероите и уметниците го заслужуваат тоа. Секој ќе си побара, и ќе најде, своја „приказна“ во ангажманот на Страхил да му вдахне (нова?) душа на ремек-делото на тројцата спомнати автори на Спомен-костурницата. Но мислам дека потенцијалните лични толкувања ќе мора да се повлечат пред прашањето: Зошто баш денес и зошто баш овде се случува ова дело на Страхил Петровски?! И мојата дребност нема понатаму да завлегува во тој дел на идејата на уметникот, иако таа можеби е најважниот сегмент. Многу современи критичари велат дека интерпретацијата на уметничкото дело е непотребна, тоа или се доживува или не. Немам дилеми дека оваа денешна македонска публика ќе умее соодветно да го доживее ова дело на Страхил и без моите сугестии/интерпретации – пишува Златко Теодосиевски.
Страхил Петровски е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Тој дипломира сликарство во 1997 година на Факултетот за ликовни уметности, во класата на Родољуб Анастасов, по што во 2000 година завршува постдипломски студии на истиот факултет, кај истиот ментор. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес.