Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ во режија на Сузана Диневски, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм, „Сузи Кју продукција“ и „Аворд филм и видео“, е избран во официјалната селекција на „Биг епл филм фестивал“, познат како БАФФ во Њујорк, САД, и ќе има проекција на 22 мај. Станува збор за еден од најдобрите 25 филмски фестивали според списанието „Муви мејкинг“ за промовирање на најквалитетните филмови од независната филмска заедница и продукција во Њујорк, како и дополнителни специјално избрани филмови од целата земја и од светот. Филмот ќе се прикажува во киното „Синема вилиџ“, едно од најстарите кина во Гринич Вилиџ на Менхетн, кое датира од 1963 година и е едно од најпрестижните функционални уметнички и независни кина што функционираат во Њујорк.
Режисерката и продуцентка Сузана Диневски е поканета да го презентира филмот и да учествува во панел-дискусијата за филмот пред њујоршката публика.
Документарниот филм „Љубовната соба“ раскажува две паралелни интимни љубовни приказни во кои главни протагонисти се двете млади жени чии сопрузи се на отслужување затворска казна во КПД „Идризово“. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Македонија и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување.
Директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, менаџер на филмот е Горан Стојилковиќ, постерот на филмот е изработен од Коста Лазаревски, а тонски дизајнер е Игор Поповски.
„Љубовната соба“ минатата година ја доби наградата на „Агора докс“ на Фестивалот за документарен филм во Солун, Грција, и имаше две меѓународни премиери во март, на Филмскиот фестивал во Финикс, Аризона, и на „Загребдокс“ во регионална конкуренција.