УМБЕРТО И КРАДЕЦОТ НА ЧАДОРИ, 2

Кога седна на своето место зад шалтерот, Тоше љубезно, вредно и педантно, како и секогаш, ја вршеше својата работа, ама едвај ја дочека паузата, го зеде Умберто од гардеробата и истрча од зградата на банката, па го праша: – Кажи ми, Умберто, како да го пронајдеме Крадецот во оваа дождлива турканица?
– Нема да ни биде лесно. Знаеме дека нема да носи отворен чадор.
– И ќе има качулка.
Се замислија и двајцата. – Умберто, а каде те грабна? Во која продавница? – Во онаа кај плоштадот. Онаа веднаш до „Амброзија“. – „Амброзија“? – А бе, дуќанот за здрава храна. – Тогаш ќе почнеме оттаму. Од плоштадот. Одиме таму по работа.

* * *
„Дождоградец е сместен во зелена долина, опколен со високи ридови, исто така зелени од обилните дождови што ја хранат бујната вегетација. Набргу ќе ве опие романтичната атмосфера на викторијанскиот амбиент, проследена со смирувачкиот звук на дождовните капки“, така градот е рекламиран во туристичките каталози, иако старите куќи забрзано се заменуваат со модерни висококатници од стакло и железо. Но дождот навистина постојано паѓа, па туристите сѐ повеќе го посетуваат Дождоградец и се фотографираат полупокиснати со отворени чадори купени во продавниците за сувенири.
На градскиот плоштад, кој, очекувано, е во пешачката зона – врвулица! Освен тоа, врнежите не беа силни, туку ситна роса росеше, па повеќето од минувачите не се штитеа со чадори, туку со мантили за дожд. Меѓу сите тие луѓе со ветровки и шушкавци е тешко да го издвоиш Крадецот. Тоше и Умберто со сите сили се трудат да го пронајдат, се движат по плоштадот околу, па десно-лево, па горе-долу, ама него го нема или, уште полошо, таму е, ама не можат да го видат.
Седнаа во едно кафуле да прездивнат, Тоше нарача какао без шеќер:. – Да резимираме, Умберто, сметката не ни се погоди. Човекот не може да го најдеме. Да се стоплам малку со какаово, па ќе продолжиме. А тебе, да не ти е студено?- праша љубезно по навика, на што Умберто мораше да се насмее: – Фала ти за грижата, Тоше, ама ние чадорите сме навикнати и на ладно и на жешко. Туку, ми текна нешто. Кога ме украде, Крадецот ме пикна под мантилот и чекореше брзо, како да се брза за работа, и, што е најважно, кога ме грабна беше утро. Оттаму, драг Тоше, заклучувам дека тој е вработен, па затоа е подобро да дојдеме тука порано, пред твојата работа, и да го сочекаме. Што велиш?

* * *
Следното утро, не беше ни осум, ете ги Тоше и Умберто кај плоштадот, затскриени зад една голема липа (кажавме дека Дождоградец е богат со дрвја и зеленило поради постојаните дождови), ѕиркаат оттаму за случајно да не го пропуштат Крадецот. Стојат така зад дрвото петнаесетина минути, за среќа нема врнеж, туку ситна роса како вчера, кога Tоше здогледа еден забрзан тип со качулка: – Умберто, ене го… – шепна, кога се појави еден друг минувач, исто така со брз чекор и качулка: – Ене уште еден… – Не се тие, Тоше. Обајцата имаат откопчани мантили. Крадецот е со закопчан, го крие чадорот под него… Оној таму, го гледаш, тој држи нешто под закопчаниот мантил… Тој е! Сигурен сум дека е тој. Ајде да го следиме.
Тоше се опули во сомнителниот минувач. Му се причини како познат.
„Од каде ли го знам?“, се прашува додека кришум со Умберто, на десетина чекори зад него, се движеа по таинствениот лик.
– Гледај сега – му дошепна Умберто. Човекот обѕирајќи се околу, и натаму чекорејќи, наеднаш извлече за дршката црн нов чадор и го џитна во запустениот двор на една уште позапустена куќичка што чекаше да биде урната за да се замени со некој висок небодер.
– Срам да му е! – не издржа Тоше. Во истиот миг, додека Крадецот се ослободува од украдениот чадор, тој го препозна. Не му се верува, но тоа е – неговиот шеф лично!

(продолжува)