Попреченоста ќе биде главна тема на осмото издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“. Фестивалот ќе се одржи од 1 до 3 септември во МКЦ и „Бруталиск“, во Скопје.
– На годинашното издание би сакале да претставиме дел од социјалните, политичките, културолошките позиции и идентитети на луѓето со попреченост. Сметаме дека е исклучително важно во нашата заостаната култура многу повеќе во јавноста да се внесуваат искуствата однадвор, од луѓе, писатели, теоретичари, уметници, активисти што имаат поголемо и подолго искуство на ова поле. Во култура во која телесната различност се заташкува и оспорува и во која на прсти можат да се избројат културните организации или поединци што во својата работа ја тематизираат попреченоста, сметаме дека е висок приоритет токму покомплексното отворање и водење на овие теми – истакнува Никола Гелевски, иницијатор на фестивалот.
Како дел од програмата на фестивалот ќе се промовираат три публикации, специјално направени за фестивалот: книгата за борбата против аутизмот, „Мост над бурната река“ од Далибор Талајиќ од Загреб; сликовницата „Седум конци на сонцето“ од Драгана Младеновиќ и Инес Георгиевска; списанието „Маргина #95“ (на 250 страници прилози за студиите на инвалидноста).

Ќе бидат претставени и три детски книги за попреченост: „За копчето и среќата“ од Јасминка Петровиќ, „Гуш и Бац“ од Зоран Кардула и „Цветна дружина“ од Ирена Поповска. Ќе се прикажат три документарни филма: Марија Апчевска-Беласица; Маја Младеновска-Роза; Тежок андерграунд (Ново културно насеље, Нови Сад), а предавање на тема „Инвалидноста на филм“ ќе одржи Иван Велисављевиќ од Белград. На настанот „Се сеќаваме на Дубравка Угрешиќ и Давид Албахари“ – македонски писатели и уметници ќе ги читаат омилените страници од неодамна починатите писатели Дубравка Угрешиќ и Давид Албахари, лауреати на „Друга приказна“.

Синиша Туциќ е добитник на главната награда на фестивалот. Тој е автор на пет збирки поезија и на еден роман. Син е на славниот новосадски авангарден поет и уметник Вујица Решин Туциќ, кој тешко се движи и зборува. Често се среќавал со дискриминација, но ниту во еден момент не дозволил таа на кој било начин да го поколеба и да го одврати од неговиот пат. И покрај неговата попреченост (што ја има од раѓање), тој е сеприсутен, храбро и бескомпромисно ги прескокнува сите физички бариери, како и предрасудите. Неговото мислење и како писател и како активист е високо ценето.
С.Ј.