Самостојна изложба со наслов „Ветар параклет“ на Димитрие Дурацовски ќе биде отворена на 1 септември во „Чифте-амам“. Куратор на изложбата е Горанчо Ѓоргиевски, кустос во Националната галерија.

– Со особено задоволство, на нашата галериска сцена, најавуваме автор уметник во доменот на ликовното творештво и пишаниот збор. Димитрие Дурацовски, како сликар уметник, речиси четири децении не е претставен пред публиката, меѓутоа неговата особеност во ликовниот израз е предмет на анализа во повеќе студии и литература за теоријата на ликовната уметност – информираат од Националната галерија.

Творештвото на Дурацовски може да се одбележи како метафизичко и во исто време концептуално и имајќи го предвид времето во кое почнува да твори (1973) и кога неофицијално престанува со сликарството (1987), можеме недвосмислено да кажеме дека тој е творец претеча на современиот концептуален ликовен израз во Македонија.

– Димитрие Дурацовски како автор е необична појава во современата македонска уметност, тој е осамен, но интелектуално љубопитен творец, кој живее и работи во Струга. Во стремежот да формира целосна визија за светот тој ги користи изразните средства и можности на сликарството, цртежот и пишаниот збор. Основната тема ја наоѓа во свртеноста и испитувањето на таинствените простори на човечкиот дух, каде што неретко се допираат или бришат границите помеѓу реалното и фантастичното, можното и неможното, рациото и ирациото… Мислата е првата и внатрешно осмислувачка содржина на неговите дела, која на некој начин ги дообликува ликовните визии во нашата свест.

Реалната форма во неговите платна, решена како фигуративни композиции во класичен кулоарско-илузионистичи декор, со крајно поедноставени кукловидни човечки форми и редуциран хроматизам, го означува оностраното и недефинираното. Неговите цртежи комбинирани со текстови, прибелешки, теоретски и литерарни разгледувања, упатуваат на користење одредени елементи, методи и сознанија од надреализмот и психоанализата. Останува впечатокот за недореченоста на македонската критика за овој автор, со чувство дека нешто се крие зад она што го гледаме и читаме во неговите дела. Тоа претчувствување и таинственост се можеби најзначајното во процесот на создавање, па, така, преку оваа изложба за првпат во целост ќе биде презентирано пред македонската јавност – се наведува во најавата.
Димитрие Дурацовски е современ македонски писател и сликар. Школа за применети уметности, сликарски отсек, завршил во Скопје, во 1975 година, во класата на проф.

Родољуб Анастасов. Во 1977 година се вработил во галеријата „Вангел Коџоман“ во Струга. Од 1982-та работи во Народниот музеј во Струга, кога Галеријата се припојува кон Музејот. Во текот на изминатите години раководи со галеријата „Вангел Коџоман“, во која се сместени сликите од постојаната поставка „Струга во минатото“, а истовремено го води и Одделението за современа уметност на Народниот музеј, организирајќи и поставувајќи повеќе од 150 самостојни и групни изложби на повеќемина значајни ликовни уметници од Македонија, од Југославија и од светот. Во текот на изминатите години реализирал повеќе самостојни изложби во Суботица, Струга, Охрид, Нови Сад и Скопје, а бил застапуван и на повеќе колективни изложби. С.Ј.