Под мотото „Ослободи ја својата фантазија“, од денеска до 30 септември, ќе се одржи второто издание на интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“.
– Минатата година за првпат се соочивме со овој адреналински предизвик, кој за нашата институција значи запишување на мапата на светот на професионални фестивали на детски претстави и на „Игор Маџиров“. Среќни сме што второто издание е под покровителство на претседателот Стево Пендаровски и благодарни сме за покровителството и препознавањето на важноста на нашиот фестивал – вели Катарина Илиевска–Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци.
Свеченото отворање ќе биде со претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“, а во наредните денови публиката ќе може да ужива во претставите: „Шума од песни“ на „Кускус институт арт продукција“ од Љубљана, Словенија, „Бременските музиканти“ на театарот „Бабец“ од Битола, „Ова сум јас“, на театарот „Поко локо“ од Загреб, „Момчето со куферот“ на малиот театар „Душко Радовиќ“, „Пинокио и Црвенкапа во потрага по Аладиновата ламба“, во продукција на Албанскиот театар за деца и младинци, „Среќна куќичка“ на гостите од Градскиот куклен театар од Риека, Хрватска, „Бамби“ на Театарот за деца и младинци од Крагуевац и претставата „Ерор 404“ во изведба на „Ангелес де трапо“ од Малага, Шпанија.
– Годинашната програма е посветена на малите театарски форми. Фестивалот и оваа година, покрај гран при, доделува награда за најдобра режија, две актерски награди, сценографија, костимографија, специјална награда. Стручното жири е во состав: режисерот Тин Грабнар од Словенија, кој ќе биде претседател, и членовите – актерот Драган Довлев, актуелен претседател на Советот на фестивалот, и Миливоје Млаѓеновиќ, театролог и поранешен директор на „Стеријин театар“. Новитет за оваа година е што воведуваме и детско жири, кое ќе има задача да ја оцени и награди најдобрата претстава на фестивалот, по нивен избор – велат организаторите.
Од годинава фестивалот почнува соработка и со Факултетот за драмски уметности, каде што ќе се одржи работилница за куклен театар наменета за студентите и веќе дипломираните актери и режисери, а истата таа ќе биде предводена од актерката и режисерка Тамара Кучиновиќ, професорка по куклен театар од Факултетот за драмски уметности во Осиек, Хрватска. Во рамките на фестивалот ќе има уште една работилница наменета за деца и наставници, на темата „Куклен театар“, предводена од режисерот Давор Драгојевиќ од Подгорица, Црна Гора.
– Задоволни сме што имавме одлични резултати од минатата година. Сакам да ја истакнам важноста на нашиот патрон на фестивалот, Игор Маџиров, симбол на детскиот театар воопшто. Верувам и посакувам овој фестивал да прерасне во традиција, затоа што е важен чинител и за публиката и за нас како единствена професионална институција од областа на детско–младинскиот театар – вели Драган Довлев, претседател на Советот на фестивалот.
Претставите ќе се изведуваат на сцените на ТДМ, „Театар комедија“, МНТ, Албанскиот театар за деца и млади.