Во „Даутпашиниот амам“ ќе биде поставена самостојната изложба на академскиот уметник Симон Шемов. Свеченото отворање е вечерва, во 20 часот. Обраќање ќе имаат директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими, и академик Влада Урошевиќ, македонски поет и лауреат на „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 2023 година. Завршната реч ќе ја има историчарката на уметноста Ана Франговска, кураторка на проектот.
– Најновиот творечки циклус на маестро Шемов, насловен „Мултиверзум“, се занимава главно со аспекти на космологијата и космогонијата, т.е. со проблемите на појавата и егзистирањето на космосот и универзумот, а секако, преку оваа општа феноменолошка семантика, и со посебната хуманистичка егзистенцијална природа на човекот, трагање кон посебното од општото или обратно, преку субјективното и сингуларното кон безграничното. Во најновиот опус од речиси 400 дела се издвојуваат „четири феноменолошки аспекти, кои се аналогни на неговите повторливи интереси низ хронологиската матрица и се провлекуваат како дискурсни нишки низ неговиот целокупен уметнички опус (од почетоците, во средината на 60-тите на минатиот век до денес). Станува збор за природната индоктринација со пантеизмот, сосема логично на него се надоврзува преокупираноста со прашањата за постанокот и егзистенцијата на универзумот, та оттука космологијата/космогонијата како клучни одредници ад акта, потоа аспектите на поврзаноста на уметноста и природата на игрите (т.е. вечната потреба за истражување, експериментирање и анимирање и на себе и на публиката – со одреден партиципативен директен или индиректен инпут) и семиотиката, т.е. неговата преокупација со истражување и трансформирање на симболи и архетипови – вели Франговска.
Поставката ќе биде достапна за публиката до 27 ноември.