Од печат излезе „Овие песни“ од Глигор Стојковски

Во издание на „ВиГ Зеница“ од Скопје, од печат излезе книгата „Овие песни“ од Глигор Стојковски, поетски избор од вкупното творештво на овој истакнат македонски поет, добитник на релевантни поетски награди. Станува збор за опсежен еднотомник, кој на шестотини страници го донесува строгиот авторов избор на песни од речиси сите негови поетски книги. Појавата на ова автоантологиско издание се совпаѓа со јубилејната година од животот на авторот, роден во 1952 година.
На македонската книжевна сцена Глигор Стојковски, поет, новинар, критичар, публицист, уредник и издавач, се појави во 1979 година, со стихозбирката „Починка во чисти честички“, објава за која веднаш го доби и своето прво книжевно признание, прогласена за најдобра поетска книга на конкурсот на Книжевната младина. Следуваа книгите „Починка во чисти честички“, „Пајак“, „Очно дно“, „Студена минута“, „Зад билката молк“, „Око заборавено на небото“, „Порој“, „Земјата сама ќе се отвори“, изборот „Капка оловно небо“. Со стихозбирката „Заборавено око на небото“, во 1997 година Стојковски стана лауреат на наградата „Браќа Миладиновци“. За своето творештво е добитник и на наградите „Кочо Рацин“ и „Нарциса“, а пред четири години за поемата „Кирил 1830 – Кирил 2001“ ја освои наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2015 година. Следуваат книгата „Божја честичка“, една комплексна поетска книга во која постоењето го доживува како брз блесок среде вечната космичка ноќ, и збирката „Неминовен молк“, со поезија длабоко замислена над конечноста составена од стихови посветени на минливоста низ доживувањето на убавите моменти на животот. Оттогаш до денес, овој автор реализира деветнаесет поетски објави во книги, сѐ до оваа најнова, книгата „Овие песни“. Станува збор за еден опсежен избор од вкупното творештво на поетот, со над сто песни и со трите комплетни поеми на Стојковски: „Божја честичка“, „Завет. Јад“ и „Горки слова“.