Неодамна во рамките на издавачката куќа „Артконект“ беше објавен романот „Сиви пчели“ на Андреј Курков. Андреј Курков (1961) е еден од најзначајните и најпреведувани современи украински писатели. Неговите книги се преведени на повеќе од 30 јазици.
„Сиви пчели“ е воен роман, во кој војната има периферна улога, а централно место зазема приказната за обичниот човек, кој се осмелува да отпатува во непознатиот свет со своите пчели и да се соочи со непредвидливи тешкотии. Ова патување е еден вид современа одисеја на главниот лик низ земјата исполнета со многу противречности и страдања.
Напишан со филмска динамичност, со живи дијалози и исполнет со необични ликови, романот на Курков ни нуди прекрасно напишана приказна за љубовта и грижата на еден човек за природата, за желбата луѓето да бидат подобри едни со други, за моќта на искреноста и чесноста дури и во услови на војна и раздор.
„Сиви пчели“ е еден од најпознатите романи на Курков.
Оваа книга е објавена во рамките на проектот „Соочување со неизвесноста: современа европска литература“, кој издавачката куќа „Артконект“ го реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на ЕУ. Преводот е на Милена Николовска.