Во галеријата на КИЦ на Македонија во Софија, Бугарија, е претставен мултимедијалниот проект „Сеќавања“ на Фунда Ибрахим, Батухан Ибрахим и Беди Ибрахим. Проектот содржи изложба на сликарски дела, уметнички инсталации и видеоарт од тројцата автори, активни во ликовната, филмската и во театарската уметност.

Проектот „Сеќавања“ е постојано истражување и експериментирање на полето на цртежот, скулптурата, амбиентот и мултимедијалноста што се темелат врз сопствената историја и традиција. „Сеќавања“ е уметност на мислите, еден вид електроенцефелограм преточен во креативна енергија. Деликатниот избор на материјали и неконвенционалната конципираност во реализацијата на делото воспоставуваат активен естетски однос кон просторот како основа во реализацијата на делото. „Сеќавања“ е интимен документ за сите лични приказни, но и воопштена приказна за сопствената историја и постоење.
– Концептот за овој проект на извесен начин претставува продолжение на суптилната поетика на потрагата по сопствената историја. Проектот е мултимедијална археологија на душата, чувар на сопственото и сојузник на туѓото сеќавање, лоцирано на другата страна на заборавот и продолжување на меморијата. „Сеќавање“ е вообличен во предметите што ги кријат историските пластови, паметењето, пораките… врз кои се интервенира, се надградува и се збогатува со разни приказни, спојувајќи ги трагите од минатото, со втиснатите траги од сегашното време – се вели во текстот за изложбата.

Фунда Ибрахим дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1999 година, на Одделот за драмски актери во првата генерација на турски јазик, во класата на Љубиша Георгиевски. До дипломирањето учествува на повеќе студентски театарски и филмски проекти. Од 2006 година е вработена како драмска актерка во Турскиот театар во Скопје.

Батухан Ибрахим дипломира и магистрира на Факултетот за драмски уметности на Одделот за филмска и ТВ-режија во класата на Антонио Митриќески. Добитник е на наградата за најдобар дипломиран студент во учебната 2019/2020 на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и за најдобар студент од фондацијата „Франк Харкорд Манинг“ од Лондон од областа на архитектурата, општествените науки и уметностите.
Беди Ибрахим во 1985 година дипломирал на ФЛУ на Одделот за скулптура, а во 1999 година завршил постдипломски студии на истиот факултет. Од 1985 година е член на групата „Зеро“. Во 1991 година престојувал на Универзитетот „Мимар Синан“ во Истанбул, како и во ателјето на познатиот архитект Џенгис Бекташ. Во 1997 година бил единствен претставник од Македонија на Меѓународното биенале во Истанбул. Од 2002 година до денес работи на ФЛУ како редовен професор на вајарскиот оддел. В.Д.