Во чест на Ацо Шопов, по повод 100 години од раѓањето на поетот, денеска во 20 часот ќе се одржи премиера на најновата балетска продукција „Молитви на моето тело“ (балетски триптих) од Националната опера и балет. Првата реприза е закажана в петок, во 20 часот.
„Молитви на моето тело“ е балетска претстава (триптих) инспирирана од циклусот поезија со истоимениот наслов на Ацо Шопов по повод одбележувањето 100 години од раѓањето на поетот.
Деведесетминутно креативно „сплотување“ на тим од тринаесет уметници, сценски пренесено од балетските првенци, солисти и ансамблот на Националната опера и балет.
– НУ Национална опера и балет за 2023 година не само што се вклучи во чествувањето на 100 години од раѓањето на Ацо Шопов туку преку претставата „Молитви на моето тело“ ќе го заокружи овој јубилеј. Поезијата на Шопов односно истоимениот циклус поезија ќе биде „прочитана“ со јазикот на танцот создаден од тројца македонски кореографи на музика на тројца македонски композитори и преостанатите уметници. Со овој чин, НУ Национална опера и балет се вклучува во преостанатите настани што ќе бидат организирани на национално ниво и од страна на УНЕСКО во чест на македонскиот поет по повод 100-годишниот јубилеј во 2023 година – информираат од НУБ.
Идејата за проектот и костимограф на претставата е Александар Ношпал. Драматург е Соња Здравкова-Џепароска. Кореографи се Ивана Коцевска, Адријана Данчевска, Саша Евтимова.
Како композитори се потпишуваат Дарија Андовска, Александар Гроздановски, Александар Пејовски. Сценограф е Михајло Стојановски; визуелен уметник Флоријан Чанга (Р. Албанија), монтажа на филм Доријан Миловановиќ, а мултимедија и графички дизајн Лазе Трипков. Поетското читање е на Никола Ристановски.