Издавачката куќа „Антолог“ ја објави книгата „Книга“ од Жозе Луиш Пејшото. „Книга“ е летопис за руралниот егзодус во кој над милион португалски емигранти трагаат по својата среќа во периодот меѓу 1960 и 1974 година. Низ очите на ликовите сведочиме за суровата реалност на емигрантскиот живот, но и за истрајната надеж за враќањето. Писма што не стигнуваат, неуспешни потраги, комплицирани љубови и горчлив-сладок копнеж го исполнуваат овој романтичен роман, во кој болката се претвора во услов на постоењето.
Преводот од португалски на македонски го направи Ненад Трповски.
Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни“ дела во склоп на „Креативна Европа“ на Европската Унија – потпрограма „Култура“.
Жозе Луиш Пејшото (1974) е португалски прозаист, поет и драматург. Роден е во мало гратче во областа Алентежо. Студирал современи јазици и книжевност на Универзитетот „Нова“ во Лисабон. По студиите бил учител во Португалија и на Зелениот ’Рт. Од 2001 година професионално се занимава со пишување. Има објавено тринаесет книги проза, четири збирки поезија, два патописа и две книги за деца. Неговите дела се преведени на повеќе од триесет јазици. Тој е најмладиот добитник на наградата „Сарамаго“ во чест на Жозе Сарамаго. За книгата „Книга“ му е доделена наградата „Салерно“ – книга на Европа за 2013 година.