Организацијата „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ), во соработка со Центарот за современи уметности од Скопје, мрежата „Награди за млади визуелни уметници“, резиденциската програма и фондација од Њујорк, по шеснаесетти пат го организира процесот за доделување на наградата „Денес“ за млад визуелен уметник во Македонија до 35 години. Четворицата финалисти ќе бидат претставени на изложба вечерва, од 19 часот, во „Мала станица“. Станува збор за уметниците: Дарко Алексовски, Ивана Мирчевска, Кристина Пулејкова и Зоран Шекеров, а потоа ќе биде прогласен добитникот на наградата.

– Наградата „Денес“ се доделува на исклучителна и истакната тековна уметничка практика, која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, како единствена награда за млад уметник во земјава од овој вид. Оваа значајна и независна награда подразбира двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во 2022 година, но им овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, да имаат средби и презентации со интернационална комисија и да продуцираат дело, во рамките на изложба, како финалисти на наградата – велат организаторите.

Жирито за наградата е составено од: Вивиана Ќеќиа (Лондон), кураторка и истражувачка, кураторка за резиденции и јавни програми во „Делфина фондацијата“, Лондон; Елена Чемерска (Скопје/Берлин), уметница и добитничка на наградата „Денес“ во 2021 година; Славчо Димитров (Скопје), истражувач, теоретичар, активист и куратор на „Скопje викенд на гордоста“, интердисциплинарен фестивал за квир-уметности, култура и теорија; Нора Халими (Тетово), уметница и професорка на Факултетот за уметности на Универзитетот во Тетово; и Лилиа Куделиа (Киев/Далас), кураторка, историчарка на уметност и соработничка на резиденцијата во Њујорк.

Дарко Алексовски (1989 година) е визуелен уметник чија практика се формира на пресекот помеѓу слики и текст. Неговите досегашни проекти вклучуваат интерес за различни визуелни јазици и долгорочни истражувачки процеси, како и интерес за релациите што се формираат помеѓу личните и колективните сеќавања. Ивана Мирчевска (1992 година) е визуелна уметница и истражувачка, која работи преку слики во движење, текст и инсталација. Нејзиното истражување произлегува од спојот помеѓу технологиите на визуализација и просторната конфигурација на погледот и телото. Кристина Пулејкова (1988 година) е уметница, со седиште помеѓу Скопје и Лондон, чија интердисциплинарна практика е заснована на науката и технологијата.

Делото на Кристина го истражува начинот како употребата на технологијата може да доведе до поголеми облици на одржливост во односите човек-природа. Зоран Шекеров (1992 година) е визуелен уметник што живее и работи во Скопје. Неговата практика вклучува долгорочни креативни истражувачки проекти во полето на фотографијата што се соочуваат со човечката состојба во одреден социополитички контекст и ги испитуваат прашањата за идентитетот, патриотизмот и носталгијата.