Апологија на уметноста

(Билјана Станковска, „Плетачката на тантели“, „Феникс“, Скопје, 2021 г.)

Рецензија

Нашата истакната авторка Билјана Станковска со своето најново дело, романот „Плетачката на тантели“, излегува пред читателите со книга преку која уште еднаш го потврдува заслуженото место во современата македонска литература. Станува збор за сложена романескна структура, во која се вградени, на суптилен но неотстапно креативен начин, како што тоа вообичаено се нарекува во критиката, на повеќе слоеви, пластови, раскажувачки пристапи, преку кои се развива богатиот спектар на настани поврзани со јасно извајани ликови. Станковска развива сложен наративен тек, во кој се препознаваат неколку комплементарни линии во кои проблеснуваат податоци, информации и судбини од историска, географска, етничка и интимна природа. Дејството, линеарно или во етапи и во темпорални блокови, се одвива на простор од Бајкалско Езеро и Москва, преку Белград, Бриж, Брисел, сè до Скопје, а во време се протега од Октомвриската револуција во царска Русија сè до наши дни. Во таа широка географска и дијахрониска рамка се одвива како во забрзано темпо, преку еден дејствен и психолошки погон, развојот на приказната.
Станковска имала ретка привилегија нејзиниот роман, во вид на поговор, да го анализира и преку темелен коментар да го препорача француската професорка и интелектуалка со македонско потекло Марија Ѕамалис, која со голема проникливост, инвенција и познавања од областа на психологијата и литературата ги осветлува сите структурни јазли, специфичности и бележити книжевни возлети во романот. Критичарот што сега му реферира на читателот за овој висок уметнички влог во современата македонска литература не може да му одолее на искушението да укаже барем на клучното место во препораката и анализата на Ѕамалис, во кое таа го ситуира високиот вредносен суд на романот. Посочувајќи на една од основните стратегиски постапки и процедури на авторката, таа констатира дека „оставајќи ги настрана традиционалните наративни етапи, Билјана Станковска ги соединува хероината и читателот и од нив прави соучесници, а интерниот наративен поглед, пак, кој е очигледен од употребата на прво лице еднина, го преобразува соучесништвото во идентификација“.

Меѓу основните својства на ова возбудливо романескно остварување на Станковска спаѓаат и ненаметливите демонстрации на хуманост, благост, питомина, големо разбирање за човечките евентуални слабости, колебања и неотпорности пред искушенијата. Секако дека тоа е суптилен пристап преку кој овие благородни (пре)пораки го армираат телото на романот и затоа, стратегиски разместени во постапките на ликовите и распоредени во згуснатите настани, тие не го завлекуваат делото кон емотивна лабавост, туку остануваат цврсти пристани за психолошките бури и за драматични потреси во ликовите. Погледнат и доживеан и само преку спомнатите карактеристики, својства и етички и естетски специфичности, најновиот роман на Станковска предизвикува големо внимание, но она што особено го плени интересот на читателот е една дебела, централна нишка што ја држи неговата структура. Се работи за линија што зад многубројните и, секако, заводливи настани и од житејска и од уметничка страна предлага долготрајна дискусија за природата на уметноста, за магијата на мајсторството, за великата радост од креативните пориви и возлети во луѓето и во народите. Се покажува дека централни личности не се неколкутемина дејственици што ја носат приказната, туку дека е тоа чинот на создавањето уметност, чиј достоинственик е бабата, тој висок мајстор на сопствената уметност, на плетењето тантели, таа „волшебничка на конецот“, или, како што прецизно изјавува еден од ликовите: „Јас ѝ се восхитувам на баба ти. Во оваа приказна таа е херојот…“

Сигурно овој вид уметност не е случајно одбран и истакнат меѓу другите уметнички области. Во изработката на тантелите најмногу се гледа, се претпоставува и доаѓа до израз суптилноста, нијансирањето, така да се каже неземната воздушестост, пајажинестата развевливост и кревкост на материјалот, а сепак, преку потпирањето на уметникот врз тој навидум неотпорен материјал и преку довербата во неговите неспоредливи потенцијали, човечкиот дух се искрева до највисоките врвови на творечките способности… Се покажува дека најновиот роман на Станковска ја користи приказната за да може да предложи заводлива и плодоносна дискусија за природата на уметноста, за нејзината лечебност во неизвесностите на кревкото човечко суштество, кое, како и тантелата, и покрај својата кревкост и минливост, во себе го содржи и го негува наумот за отскок, за надградба, за високи достоинства на духовните производи, за едно цврсто самоспознание што води до самопочит. Добивме роман – апологија на уметноста, сеедно во какви видови и облици може да се појави и да се препознае таа.

Автор: Санде Стојчевски