Изложба на ДЛУМ

Друштвото на ликовните уметници на Македонија под покровителство на Министерството за култура и Град Скопје, во рамките на манифестацијата „Скопско културно лето“, ќе ја постави изложбата „Цртеж – експериментален цртеж“ во уметничкиот центар АРТ ХАБ во ГТЦ. Изложбата е традиционална и е дел од годишната програма на ДЛУМ. Селекцијата на дела ја направија членовите на Уметничкиот совет на ДЛУМ, а осврт за изложбата даде претседателката Дијана Томиќ Радевска.

– Оваа годишна изложба на ДЛУМ има цел да ги зачува вредностите на оваа класична техника, провоцирајќи насоки кон експериментирање и иновативност, охрабрувајќи ги уметниците да ги исцртаат своите актуелни записи. Живееме во возбудливи времиња и темите се бескрајно широки. Начинот на кој секој од овие уметници се претставува го дава годинашниов пресек на нивниот континуиран интерес, но и одговор на „новата“ реалност, постојаниот страв, новите вредности или, пак, анализа на стварноста.

Селектирани се исклучително интересни решенија, почитувајќи ги аспектите на аналитичен цртеж или, пак, поедноставен цртеж во линија, низ третман на класична цртачка техника или, пак, комбинација на цртеж-плоха, цртеж-текст, слоевитост во цртежот или, пак, инвентивност низ цртачка структура. Во време на колективна депримираност наша задача како здружение е да ја одржуваме сцената активна, да се обидеме да го одржиме интересот на уметникот да го каже својот став, тој, уметникот, да биде жив цртачки наратор. Можноста да се реагира и уметнички да се артикулира актуелноста е и голема одговорност. Таа слобода на изразувањето на индивидуалноста, која ја почитуваме кај нашите колеги, со оваа изложба и ви ја претставуваме – вели Томиќ Радевска.

На изложбата учествуваат: Ана Спасова, Ана Трајковска, Ангелца Стоиљковиќ, Валентина Стевановска, Ѓорѓи Динев, Дејан Иванов Маргуш, Дијана Томиќ Радевска, Жани Гелевска Вељановска и др. На изложбата се доделува награда за најдобар цртеж.