Приказни од солунското минато

За волја на вистината, г-ѓа Ј. понекогаш ќе го прекинеше редењето податоци за мртвите пеперутки и ќе почнеше да ми раскажува за својот живот. Гласот ѝ се менуваше, од монотониот рецитатив што ширеше студ во полутемната соба, ќе минеше, тргајќи ја лупата (на мое големо олеснување), во почовечки тон.
Така и дознав како течело нејзиното патешествие од далечната Одеса до Балканот.
Не ни знаеле, малечката г-ѓа Ј. и нејзината мајка, меѓу сите расплакани мајки и деца, каде ќе ги однесе преполнетиот брод што тоа студено декемвриско утро 1918-та се отиснал од пристаништето во Одеса. Пловидбата траела долго, тие набиени во тесниот простор на потпалубјето, „замислете Александар, како сардини во конзерва“, во никакви услови, полугладни, скитале низ големите води. Очајот пред бескрајното запенето море и бескрајното магличесто небо на чија средина како закован неподвижно стоел сончевиот диск, ги терал жените на најразлични претпоставки. За едни бродот ги водел кон Африка, во Египет, другите се тешеле дека причината на оваа предолга пловидба е заобиколниот пат до Франција. Додека едно утро, криците на морските галеби не им најавиле дека бродот влегол во залив и дека конечно се наближуваат кон некое пристаниште. Така и било, стигнале во Солун.
Прераскажувајќи ја денес историјата на морските скитања на г-ѓата Ј. и нејзината мајка во тогашната интерпретација на руската старица, ми се чини дека драматиката е лермонтовски пренагласена, но моето сеќавање на страдањата на московската дама и нејзиното девојче (од кои денес ме дели цел век), стојат сѐ уште свежи во мојата мемориска фиока.
Така малечката московјанка, бегајќи од теророт на војната, се најде во истиот град откаде, пред дваесет и нешто години, побегна едно друго девојче, единствена ќерка на своите родители, прабаба ми Марија.

Во пајкомаалските приказни на прабаба ми, Салоника беше исто толку хаотична, преполна со врева и плач, со напнати и изнемоштени бегалци, како во сеќавањата на г-ѓата Ј., па изгледаше дека Солун на баба Марија (која почина при крајот на мојата бруцошка година) и оној на г-ѓата Ј. не се разликуваа. Можеби зашто беа доживеани низ призмата на дете сред бегалска хистерија. И бегствата од Солун, со временска дводецениска разлика, со воз, едното до Велес (баба Марија), другото до Скопје (г-ѓа Ј.), беа раскажувани слично – вагони преполни со испотени, неспиени жени со несредени багажи натрупани наоколу и со нивните расплакани деца. И уплашените мисли на тие деца, на кои се сеќаваа двете старици, како да беа изговорени од исто дете: Каде одиме? Каде е тато? Кој ќе нѐ дочека?
Историската слика и лика на Солун од времето на девојчето Марија до времето на Русинчето Ј. беше речиси наполно изменета, за што убедливо сведочи богатата историска хроника „Солун, градот на духовите“ на Марк Мазовер, но во сведоштвата за ранодетските страдања што ги слушав од двете старици, тој град беше како застанат во ист временски кадар. Иако подоцна, читајќи ја „Солун, град на духовите“, открив уште една запрепастувачка сличност меѓу Солуните на баба Марија и г-ѓа Ј. – двата големи, уништувачки пожари, првиот од 1890-та, вториот од 1917-та, што го опустошија градот.