Деновиве од печат излезе книгата „Еден сив мартовски ден“ од Тања Урошевиќ (1936-2020), како 198. издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“. Романот е најден во оставината на писателката, завршен и подготвен за печат. Пишуван е од почетокот на 2017 до почетокот на 2020 година, а издаден со финансиска помош на Министерството за култура.
„Еден сив мартовски ден“ е класичен психолошки роман, со интроспекции и ретроспекции, богат со детали од секојдневниот градски живот. Дејството на романот се одигрува главно во Скопје, во периодот на крајот од 1940-тите, па сѐ до крајот на 1960-тите години. Приказната во романот ги следи животните патеки на три школски другарки – Катарина, Оливера и Маријана, но и на Весна, ќерката на Катарина. Таа приказна започнува и завршува со еден посебен миг – отпуштањето на Катарина од казнено-поправниот завод каде што одлежувала петгодишна казна поради тешка сообраќајка. Тој миг е повод за сведувањето на сметките – не само во животот на Катарина туку и на нејзината ќерка и на нејзините две пријателки.
Тања Урошевиќ (1936 – 2020) е писателка и преведувачка. Авторка на романите „Аквамарин“ (2004) и „Превид“ (2008), на збирките раскази „Црвена нишка – железен прстен“ (2009) и „Три новели“ (2017), на повеста „Ура, Арал!“ (2019) и на подолгиот расказ „Размена на пораки“ (2013) во истоимената книга објавена заедно со Влада Урошевиќ. Романот „Аквамарин“ е преведен на руски јазик и објавен во Москва во 2017 г.