Театарот,,Јордан Х. К. Џинот“ од Велес, со претставата „Кралските копилиња“, на 15 март ќе настапи на 47-то издание на фестивалот „Сараевска зима“. Поради пандемијата, фестивалската програма во најголем дел ќе биде прикажана онлајн, односно претставите ќе се одржуваат на матичните сцени, а сараевската публика ќе ги проследи преку видеопренос.
– Претставата „Кралските копилиња“ од Сашо Димоски, во својата жанровска дефиниција е театар на телото во епски слики, работена според посттројанскиот митски циклус, сместен во кралската куќа Арг. „Кралските копилиња“ е приказна за боголуѓето, која се случува непосредно по завршувањето на војната за Троја и зборува за неможноста траумата да биде избришана како цивилизациско наследство и за кругот преку кој таа траума комуницира со секое време и простор – велат од театарот.
Автор на текстот, режисер и автор на аудиовизуелниот концепт на претставата е Сашо Димоски, режијата на сценското движење е на Васил Зафирчев, видеодизајнот и анимациите се на Данчо Стефков и Крсте Шупев, сценографијата е на Филип Коруновски, костимографијата на Катерина Чукниева, музички соработник е Сашко Костов, а автор на дигиталните скулптури и плакатот е Адам Мартинакис. Во претставата играат: Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Талија Настова, Жарко Спасовски, Маја Љутков, Фаик Мефаилоски и Марија Стефановска.