Иницијативата за печатење на весникот потекна од самите ученици, кои и го подготвуваат гласилото, се разбира, со огромна помош од нивниот професор по македонски јазик и литература, Влатко Тасев

За учениците и професорите во средното земјоделско шумарско училиште „Ѓорче Петров“ во Кавадарци издавањето на училишниот весник „In medias res“ („Ин медијас рес“), (латински израз што во превод на македонски значи во сржта на настаните или точно во средина), претставува голема гордост. Весникот, кој се издава веќе пет години, всушност e остварување на долгогодишната желба на училиштето да има свое гласило, преку кое ќе ги истакне своите постигнувања и успеси и ќе ги обележи сите активности на учениците во текот на учебната година.
Училиштето „Ѓорче Петров“ е првото средно училиште во Македонија каде што се изучува струката од областа на шумарството во која спаѓаат и дрвопреработувачката струка – техничар за мебел и ентериер, потоа земјоделската струка каде што спаѓа и пејзажната архитектура и од неодамна фармацевтската струка. Затоа во изборот на името на училишниот весник, со цел на сите струки да им се даде еднакво значење, е одлучено дека најмногу ќе одговара латинската сентенца „In medias res“. Иницијативата за печатење на весникот потекна од самите ученици, кои и го подготвуваат гласилото, се разбира, со огромна помош од нивниот професор по македонски јазик и литература, Влатко Тасев.
– Овој весник им припаѓа рамноправно на сите струки во нашето училиште, како и на општообразовните науки. Сите заедно со своите идеи и интересни содржини го обликувавме овој весник, кој прерасна во симбол на нашиот научнообразовен и стопански центар. На неговите страници има постојани рубрики за активностите што се извршуваат во текот на учебната година и, секако, забавни и актуелни содржини. Динамиката на објавувањето е еднаш годишно, поради финансиските средства, но се користи можноста весникот да се објави и бесплатно во електронска форма (issuu.com), како и на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм и на веб-страницата – https:?//www.sozsugjp.edu.mk – вели професорот Влатко Тасев.

На страниците на овој весник можат да се прочитаат навистина интересни информации за училиштето. Една од нив е за годинашниве вински сорти од кои учениците произвеле вина и ракијата „гроздовка“, за празнувањето на Денот на младото вино со дегустација и оценување на производите од семејните винарници на учениците, потоа за празнувањето на празникот на лозарите Св. Трифун и нивното учество на манифестацијата, со организирање дегустација на греено вино. Од фармацевтската струка интересна информација е дека учениците произвеле нов козметички производ – „балсам за усни“, додека најновата информација од шумарската струка е подготвувањето резници од рози што ќе го украсат амбиентот на градот Кавадарци и контејнерското производство на декоративни и садници за пошумување.
Освен нивното учество на секој настан каде што се слави виновата лоза, учениците од ова средно училиште реализираат и многу хумани акции, како што е дарување новогодишни подароци и облека за децата од Малиот групен дом на децата во ризик во Кавадарци и организирање работилници за рачна изработка на новогодишни украси. Ми.М.