ВИЕ НИ ПИШУВАТЕ
Училишните екскурзии се омилениот дел на учениците на почетокот на секоја нова учебна година. Така и нашиот неодамнешен полудневен излет до ски-лифтот Ниже Поле, во близината на селото Нижеполе, во непосредната околина на градот Битола, им донесе радосни доживувања на нашите ученици.
Вонучилишните активности на учениците што ги организира секое училиште имаат свои цели да ги прошират и продлабочат стекнатите знаења и умеења кај нив.
Учениците на ваквите излети со рекреативно-едукативен карактер се запознаваат со убавините на нашите планини, а истовремено развиваат свест за потребата од чување и заштитување на природата. Исто така учениците запознаваат голем дел од растителниот и животинскиот свет што е карактеристичен и специфичен за овие простори.
Во природни услови учениците изведуваат маршеви, движење во колона, изведуваат друштвени игри. На терен се запознаваат со околните врвови што се дел од Баба Планина, како и со легендата за настанувањето на нејзиното име. Еве, ќе ја споделиме и со читателите на „Колибри“.
Преданието вели дека некогаш живеела некоја баба што имала кози, па кога изминал месецот март, бабата ги истерала козите на паша во планината, велејќи: „Циц кози на планина, прднете марту на брадина“. Март, навреден од бабата, позајмил три дена од април. Во тие три дена наврнало толку многу снег и фатил голем студ, што бабата и козите замрзнале и оттогаш планината ја завикале Баба.
Широките насмевки на лицата на учениците говорат за прекрасно поминат училиштен ден во природа.
Гордана Угриновска,
одделенска наставничка во ООУ „Елпида Караманди“
-Битола
Боите на татковината
Белата боја е за чистотата
и душата нејзина,
а сината за небото бескрајно
што се огледа во езерската ширина.
Зелената е за плодните полиња
и шумите борови и дабови,
а кафената е за земјата
што нѐ храни и чува со векови.
Аловата е за јунаците
што родината ги дала,
а црната за годините на ропството
и борбата за слободата сонувана.
Жолтата е за сонцето сјајно
што нѐ грее и живот ни дава,
а сребрената и златната боја
се за книгите во кои приказната
нејзина е запишана
и со крвта на поколенијата запечатена.
Марија Таушанска