Во Штип
Сликовницата „Тино – бездомното полжавче“ минатата недела беше претставена во мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ во Штип. Текстот на сликовницата е на Сузана Мицева, а илустрациите се на Сара Каурин. Оваа книга е наменета за најмладите читатели, а зборува за растењето, созревањето, за домот, детството и другарството. Рецензент е Трајче Кацаров, а промоторка Ана Витанова-Рингачева.
Станува збор за двојазична сликовница – на македонски и на хрватски јазик. Сликовницата ја раскажува приказната за авантуристичкото полжавче Тино, кое буквално станува бездомник кога при едно искачување по планинските ридови за да собира приказни од старите орли, врз неговата куќичка ќе падне голем орев и таа ќе напукне. Низ процесот на тагување и закрепнување, полжавчето ќе се насели во една печурка и со неа ќе ги открие радоста на другарувањето, на грижата, на дарувањето, но и на значењето на зборот дом – место каде што сме свои, слободни и сакани.
Покрај тоа што ја илустрираше сликовницата, академската сликарка Каурин направи илустрации – боенка во самото издание, со цел дечињата сами да ги доловат авантурите и расположенијата на полжавчето Тино.
„Тино – бездомното полжавче“ ја издава заедницата на Хрвати „Либертас“ од Штип. Проектот е поддржан од Средишниот државен институт на Хрватите надвор од Хрватска и од Општина Штип. Промоцијата се одржа во рамките на Штипското културно лето.