Физиотерапевтката од Куманово Меланија Цветковска, преку видео објавено на социјалните мрежи јавно побара помош од надлежните институции, тврдејќи дека со години таа и нејзиното семејство се жртви на семејно насилство и дека не успеваат да обезбедат соодветен третман и сместување за нејзиниот татко, кој, според неа, има дијагностицирани ментални растројства и проблем со алкохол.
– Денеска се обраќам како жртва на семејно насилство и како некој што ужасно бара многу голема помош од институциите. Не барам да бидам сожалувана, не барам да читам коментари, не барам никој да ме тапка по рамо, само сакам да бидам слушната од институциите и барам помош – вели Цветковска.
Таа наведува дека нејзиниот татко во изминатите години повеќепати бил хоспитализиран на психијатриски клиники, но дека последните обиди за негово згрижување биле неуспешни.
– Отсекогаш добиваме одговор дека нема место или дека не е доволно сериозна ситуацијата. Само ние знаеме колку е сериозна ситуацијата. Не мора да биде фатално, не мора да бидеме убиени, силувани, ранети за некаде да нè слушне – изјави таа.
Според неа, денеска повторно побарале интервенција од полицијата, но потоа цел ден го поминале обраќајќи се до различни институции без успех.
– Ако ви кажам дека цел ден сме по сите институции, дека сите нè одбиваат и дека никој не сака да го прими во ниедна психијатриска установа, дека никој не се јавува на телефон. Оваа агонија мора да престане – порача Цветковска.
Таа посочува дека во семејството живее и нејзиниот брат со церебрална парализа, кој, како што вели, исто така ги трпи последиците од состојбата.
Во видеото Цветковска наведува дека, според информациите што ги добиле, случајот не се третира како семејно насилство ниту како основа за кривична постапка бидејќи, како што вели, немало физички напад.


































