Млади пијанисти од Прилеп годинава освоија 25 награди на државни и на меѓународни натпревари

Младите и талентирани пијанисти Андреј Златески, Јована Петроски, Дарија Богеска, Софија Ташкоска, Ангелина Илијоска и Хана Петреска ја гледаат својата иднина во музиката. Затоа велат дека и натаму ќе работат посветено, ќе ги слушаат советите на професорката и ќе вложуваат многу труд во изучувањето на тајните на пијаното

Каролина Мицевска

Учениците од класата по пијано на професорката Христина Никоска Тасеска, од ОМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ од Прилеп, и оваа учебна година, која неодамна заврши, покажаа врвна музичка професионалност на сцените во државава и надвор од неа. Освоија над 25 награди на државни и на меѓународни натпревари, а тие се доказ за посветената работа и талентот на овие млади пијанисти.

Професорката Христина, која под своето менторство со години создава пијанистички виртуози со признанија и голем број награди, не го крие задоволството од големите успеси на талентираните пијанисти, како и успешната мини-концертна турнеја што ја реализираше со нив низ Македонија. Комисиското учество на државни и меѓународни натпревари, како и републичката награда што ја доби од Сојузот на МБПМ за успешна работа во педагогијата, се само доказ за нејзината професионалност и заложба во музичката едукација и оформувањето млади музичари.

Учениците учат од мене, но и јас од нив

– Горда сум што успевам да го пронајдам музичкиот израз на секое дете поединечно, па заедно со многу работа од двете страни ја формираме музичката програма и успехот на сцена е неминовен.

Најголем предизвик ми е работата со најмалите, но како и во сите уметности – како што тие учат од мене, така и јас учам од нив – вели професорката Христина.
Андреј Златески е еден од младите таленти, кој потекнува од музичко семејство и е опкружен со музика уште од најрана возраст. Првиот допир со клавирот му бил на тригодишна возраст. Постојано свири свои мелодии дома. На шест години се запишува во музичкото училиште во Прилеп и од второ одделение изучува клавир. Настапува на повеќе концерти низ Македонија и се стекнува со повеќе награди: први места на меѓународни натпревари во Штип, Битола, Врање и во Смедерево – Р Србија.
– Кога свирам клавир се чувствувам многу убаво, можам слободно да се изразувам и да бидам свој. Клавирот го сакам најмногу, но сакам и тапани и гитара. Во слободно време кога не свирам, сакам да цртам – вели Андреј.

Јована Петроски е ученичка по пијано во трето одделение во ОМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ во Прилеп. Уште како малечка покажува љубов и интерес за свирење на пијано. Заедно со талентот, посветеноста на наставничката, вербата во неа и секојдневното вежбање успеала да постигне високи резултати. Досега има освоено повеќе награди, меѓу кои специјална прва награда на меѓународниот натпревар „Сергеј Михајловиќ“ во Штип, прва награда на „Мали пијанисти“ во Врање Србија, прва награда на „Музичка пролет“ во Смедерево, Србија, прва награда на меѓународен натпревар „Арт ин“ во Кавадарци и медал за најдобра изведба во категоријата пијано-маратон.