ПЕСНИ КРАТКИ – ЗА ПЛОДОВИ СЛАТКИ! (20)

Додека да дојде ред да одиме на „Празијада“ во струмичко Василево, потребно е нешто повеќе да знаеме за ова луковичесто зеленчуково растение, чии братчиња се кромидот и лукот. А сега знам, вие ќе прашате зошто токму во Василево се одржува манифестацијата „Празијада“. Е па, затоа што селата од таа општина се најголеми производители на оваа култура, а, пак, број еден е селото Градошорци. Празот има солиден процент на сува материја и содржи многу витамини и минерали што се потребни и важни во нашата исхрана. Може да се јаде сварен, испржен или суров, а во некои земји се користи и за салата. Може да се стави и во разни варива, чорби, во ќофтиња… А како најмногу сакам да го јадам јас, ќе откриете во песничкава што следува. На здравје!

Ваш Филип Димкоски


Праз

Празот е со тенко тело
и го има во цел свет,
може покус, а и долг,
корисен е за имунитет.

Тој хранливи состојки,
безброј во себе има,
се сади уште налето –
се јаде најмногу во зима.

Велат, зеленчуците
свежи треба да се јадат,
а децата се најздрави
со нив кога се сладат.

Ама јас најмногу сакам,
и за делници и за слави,
кога празот бабичка моја
во зелник ќе го стави.


За авторот

Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци, кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и на „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди, а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави. За афирмација на македонскиот јазик и образованието е добитник на највисокото градско признание – плакета „3 Ноември“ на Град Прилеп.