Од творештвото за деца на писателката Бистрица Миркуловска
Надвор нѐ заслепи сончев ден. Подмижнавме.
– Жешко ќе биде – како вчера рече Влатко. – Да одиме на Вардар. Ќе се прибереме пред да се вратат од работа.
– Важи, ако се согласи дружината – одговорив.
Трчавме. Асфалтот, пријатно топол ми ги скокоткаше топлите стапала.
– Баба ти не те остава да излегуваш бос.
– Баба ми и ќе оставеше, вели, одела боса кога била малечка, и боса и со наланчиња. Ама мама никако не остава. Да не се боцнам, да не настапам стакло, а особено да не ме види некој познат – не било пристојно. А зошто да не биде пристојно? Ако ти се оди бос, што ти е гајле дали некој ќе те види! Толку нека му чини! Ако сака нека те загледува, ако нејќе – уште подобро. Чевли и така нема да ти купи!
Во паркчето веќе нѐ очекуваа, седнати на нашата клупа: Љупчо, Ташко и Дејко.
– „Спанковци“! – извика Љупчо. – Во осум или во девет се договоривме?
Со Влатко молчевме, зашто Љупчо може сѐ да ни рече. Тој ни е некаков водач.
– Каква е дневната заповед на баба ти, кога треба да се вратиш? – ме запраша.
Од под маицата ја извлеков врвката од клучот, му го покажав и триумфално извикав:
– Слободица – до три! Баба ми вчера отпатува!
– Да прославиме – во еден глас извика дружината.
– Важи! Да се напиеме по чаша сода! – извикав. – Јас честам!
– А потоа да одиме на Вардар – плашливо предложи Влатко, зашто знаеше кој заповеда. За големо чудо Љупчо го прифати предлогот, велејќи дека и тој сакал истото да ни го предложи.
И така – најнапред се честевме по чаша сода на киоскот пред паркчето, а потоа трчаница: преку пругата, главната улица, плоштадот, па Илинденска, па низ паркот и насипот. Љупчо водеше низ врбјакот до бетонскиот мост. Врбовите гранки со правливи и свенати лисје нѐ удираа по лицата. Босите стапала ни пропаѓаа во белиот прав. Веќе два месеца немаше капнато ниту капка дожд.
Излеговме на брегот. Реката, папсана од летните жештини, течеше скротено. Речиси среде, небаре спружен на дланка, се белееше песочен нанес.
– Да прегазиме таму! – предложив, покажувајќи накај островчето. – Ќе бидеме како Робинзони!
– Да прегазиме, ама Робинзони не бидуваме. Без фантазирање братче – се согласи Љупчо.
По гаќи ја газевме реката, со панталони и маици високо кренати над глава. Откај брегот ни се виде плитко, но набргу загазивме до појас. Чудесна свежина ми мина низ сето тело. Слободица, слободица мила – како птица во лет! Тој миг им позавидов на другарите дека летово неброено пати оделе на Вардар, а јас ниту еднаш не можев да ја смилостивам баба ми да ме пушти. Сега да ме види ваков, би се префркнала од страв…
Газевме внимателно, фатени за раце, да не нѐ занесе удолу, каде што копаат песок. Таму имало витли. Другарите ја познаваа реката. Ми велат – ја освојувале педа по педа. И ништо лошо не може да се случи на познат терен. И така стасавме до островчето.
Се спруживме на песокот – полегнати во круг – глава до глава.
– Петокрака ѕвезда од високо да гледаш – рече Ташко.
Молченката, без збор – се согласивме.
Лежевме скротени, омелушени… Заслушнав: реката шумоли, низ бесконечното, несопирливо течење ја чувствувам свежината, иако сонцето припечува. Мижуркам: низ трепките сончевината се распаѓа во многу дробни ѕуници.
– Се раздвижуваат, се прелеваат една во друга и пак се раздвојуваат. Чудесна игра на светлината… Чувствувам: во секое делче од телото ми навлегува и топлина и светлина. Кусо речено: убаво ми е…
Не знам колку време поминало во тоа неподвижно лежење. Секако беше толку – колку да се одмориме. А потоа надлактени, со дланки си ги крепевме збруштените образи и зборувавме за сѐ и сешто. Да речам: колку е убаво река да тече среде градот, да имаш плажа, како на дланка. Ама не е убаво дека возрасните не нѐ оставаа да одиме на Вардар, а кога бегаме, ни велат дека сме биле непослушни и лоши деца.
– Ако сакаат, секој ден нека одат на Вардар, секако до тогаш ќе има убаво средена градска плажа – со кабини за соблекување, со ситен песок за лежење, со киосци за сладолед – сѐ најсредено, па нашите деца нема да се плашат од витли – велеа нашите родители.
И сѐ така некакви штогодерии зборувавме, како што вели баба ми – падни стани.
А кога ни стана жешко, сите одеднаш се фрливме во реката, се прскавме, пливавме и нуркавме. Од нашите викотници, работниците, кои копаа песок проудолу, најверојатно се исплашија и извикаа:
– Е-ееј! Да не ви станало нешто децааа?
– Е – ееј!!! – вративме – нема ништооо! Водата нѐ скокотка, па се смееме!
Сонцето веќе се беше искачило високо и се префрлило накај запад.
– Покрет! – командуваше Љупчо.
Ја прегазивме реката и трчаница се враќаме во спротивен правец. Додека трчавме низ врбјаците, се исушивме. Се облековме и сѐ така трчаница низ насипот, па низ паркот, преку Илинденска, до плоштадот, низ главната улица, па преку пругата – дома.
Ништо лошо не сме сториле. На Вардар си поминавме убаво.
(Од книгата „Далечни проблесоци“)