ПРИЈАТЕЛИ НА ДЕЦАТА: Катерина Попоска, музичарка, теоретичарка и педагог,
Целта на нашата едукација е да се скршат стереотипите што владеат дека само малите деца и младите учат музика, имаме повозрасна генерација ученици што одлично напредуваат. Минатата година дојдовме до бројка од 20 редовни ученици, а во период од две и пол години сме имале околу 80 ученици, вели Катерина Попоска
Како што знаете, „Колибри“ низ сите години наоѓа место да каже понекој убав збор за оние што беспоговорно и посветено им се верни пријатели на децата и преку дела и преку зборови. Но денешната наша соговорничка со децата пријателствува најмногу преку нотите.
Во Прилеп се сретнавме со Катерина Попоска, дипломирана музичарка, теоретичарка, педагог и основачка на приватното музичко училиште „Алто арт“.
– Желбата за напредување и создавање нешто свое во 2021 година ме натера да го изградам приватното музичко училиште „Алто арт“ во Прилеп. Во приватното училиште работам како наставничка по пијано, пеење, теорија и солфеж. Во работата во училиштето се вклучени уште неколку наставници, кои предаваат по предметите гитара, бас-гитара, тапани. Да потенцирам дека наставниците што работат се дипломирани музичари во нивната област – вели Катерина Попоска.
МУЗИКА ЗА СЕКОГО
Во училиштето наставната програма не е адаптирана спрема возраста, тука учениците имаат можност да избираат што сакаат да изучуваат, дали од областа на класична или популарна насока во музиката. Возрасната граница на учениците е од осум до 40 години.
– Целта на нашата едукација е да се скршат стереотипите што владеат дека само малите деца и младите учат музика, имаме повозрасна генерација ученици што одлично напредуваат. Минатата година дојдовме до бројка од 20 редовни ученици, а во период од две и пол години сме имале околу 80 ученици – додава Катерина.
Во текот на годината Катерина со своите колеги реализира два концерта, и тоа едниот е пред Нова година во декември, а другиот е летен коцерт и се одржува во јуни. Интересно е тоа што во интерпретацијата на програмата на концертите се вклучени и учениците и наставниците. Се свири соло, дуо, трио, па и цел бенд-состав, вклучени се сите инструменти.
КОНЦЕРТИ, НАСТАПИ, СОРАБОТКИ И НАГРАДИ
Оваа распеана екипа од училиштето „Алто арт“ минатата година учествуваше на реномираниот интернационален натпревар „Пијано фест“ во Битола каде што во дисциплината соло-пијано се закити со прво место, а годинава на истиот натпревар во втората категорија освои трето место.
Покрај редовните концерти и натпревари, учениците од ова училиште имаа концерт во соработка со друга приватна школа за ликовна уметност од Прилеп, при што беа изложени дела од младите ликовни уметници, а младите музичари свиреа за време на изложбата. Покрај тоа, Катерина со своите колеги одржа и неколку работилници за вокална техника и за ударни инструменти низ неколку прилепски училишта.
НОТИ, ИНСТРУМЕНТИ И ДЕЦА
Игрива и полна со живот, како што вели, живее за музиката, па секојдневно ја практикува во многу облици. Ја исполнува работата со деца и во приватната школа, но и во основното училиште „Пецо Даскало“ во Долнени каде што е привремено вработена. Покрај работата со децата, Катерина е диригентка и основачка на женскиот хор „Керамија“, а настапува и со музичкиот состав „Акустик трио“.
Се радуваме кога пишуваме за луѓе што го негуваат и го развиваат талентот кај младите, а несомнено таква е нашата соговорничка Катерина. Ја оставивме да работи и да ги запишува новите ученици за годинава што претстои, со надеж дека следниот пат ќе ја видиме на некој од настапите со нејзините ученици.
Песна
Песната е мелем
за душа и тело,
цел живот нѐ следи
како верна сенка –
чаша нектар нуди
кога ни е најтешко,
сонот го повикува
штом надоаѓа дремка.
Песната ја брише
сета наша тага,
душа ни исполнува
со надежи нови,
од темнина густа
создава виделина,
со песна во душата
среќата се кове.
Стојан Арсиќ