Проект на „Пелагониските културно-научни средби“ во општината Новаци

Учениците од четврто одделение од ООУ „Коле Канински“ во Битола со своите одделенски наставнички присуствува на првите две работилници „Да ја вратиме љубовта кон читањето книги“.
Овој проект е реализиран од „Пелагониските културно-научни средби“, кои се одржуваат во општината Новаци, чиј актуелен претседател е д-р Весна Калпаковска, класичен филолог, а координатор е Биљана Т. Димко, професорка по македонски јазик и книжевност.

Работилниците беа конципирани во 60 минути.
На првата работилница учениците работеа во двојки, читаа извадок од книга за деца, подоцна направија илустрација од прочитаното и кратко прераскажување на извадокот.

Втората работилница беше насловена „Да ја раскажеме македонската азбука“. Секој ученик имаше задача да напише по една реченица, така што истовремено ќе направи состав за македонската азбука, односно ќе ја содржи по ред секоја буква.
Целта на овие работилници е да ги извади учениците од училница и да им понуди и друг начин на учење освен формалното и задолжително учење. Според реакцијата на учениците, неверојатно многу може да се научи преку игра, преку пат на асоцијации. Книгите се присутни меѓу нас за да нè поттикнат да размислуваме креативно, па, така, ќе можеме околината во која живееме да ја направиме поубаво место за живеење.
Друга важна цел на овие работилници е да се потенцира дека учењето носи среќа.
Проектот е поддржан и од манифестацијата „Битфест ’23“, во соработка со Културно-информативниот центар во Битола.

Ф.Д.