Учениците од ОУ „Гоце Делчев“ во Прилеп го одбележаа Денот
на македонскиот јазик – 5 мај

Учениците од ООУ „Гоце Делчев“ од Прилеп ја покажаа креативноста и во време на епидемија на коронавирусот. Својата љубов и значење на мајчиниот јазик ги покажаа на Денот на македонскиот јазик – 5 мај. Изработија кратко видео во кое имаше пораки, мисли и поезија со кои испратија честитки до своите врсници во земјава.
Наставничката по македонски јазик Билјана Јагуриноска информира дека во видеото со свои пораки учествувале 27 ученици, кои ги пренеле мислите од Климент Охридски, Блаже Конески и Петре М. Андреевски за јазикот, а вклучиле и хаику-поезија од Стефан Тасески.

Помалите ученици, пак, од шестите одделенија напишале пораки за јазикот, меѓу кои беа и следниве мудри мисли: „Мајчиниот јазик, мојот корен, мојата душа, моето јас“, „Ние сме должни да го сакаме мајчиниот јазик, како што ја сакаме нашата татковина“, „Наша трајна обврска е да го чуваме мајчиниот јазик“, „Мајчиниот јазик нѐ прави да бидеме посебни како држава и нација“, „Јазикот е нашето најголемо културно и духовно наследство“ и „Јазикот македонски наш, повреден од злато, сме го научиле од мама и тато“.
Учениците Марија Котева и Антонио Крстески од седмите одделенија исто така подготвиле видео со пригодни рецитации за нашиот непресушен вруток -македонскиот јазик.

Од училиштето, пак, велат дека 5 мај е ден на кој им се оддава почит на македонскиот јазик и на сите претходници што го создавале писмениот, литературен, стандарден јазик, како и долг кон иднината – дека македонскиот јазик треба да се негува и да се шири.

Претходниот ден, 4 мај, преку творбите на помалите и поголемите ученици, преку поетски, ликовни, креативни, изведбени настапи, а под менторство на наставниците и со поддршка на родителите, му беше оддадена достојна почит на ликот и делото на храбриот револуционерен деец Гоце Делчев, патронот, кој загина во предвечерието на Илинденското востание, на 4 мај 1903 година, во селото Баница, Серско, во борби со османлиската војска.