Помошта што НАТО ќе ѝ ја понуди на Украина е ограничена. Каков ќе биде резултатот од овој конфликт во Европа? Алијансата мора да мисли на иднината и да ја зајакне својата одбрана, пишува Бернд Ригерт за „Дојче веле“
Комплетно нова безбедносна состојба за НАТО
Рускиот влез во Украина го врати светот 30-40 години наназад, во времето на Студената војна, кога силно вооружените воени блокови се конфронтираа едни со други среде Европа. Новиот светски поредок што Владимир Путин му го наметнува на Западот ќе биде обликуван според воздржаноста и изолацијата на опасноста.
Големото прашање за НАТО и Западот ќе биде што да се прави со Кина? По сè изгледа дека тамошната комунистичка влада се движи во иста насока како и Русија на Путин. Оттука, со државата што наскоро би можела да прерасне во најголема светска економија можеби ќе треба да се постапи на истиот начин. САД и Европа ќе мораат да станат помалку зависни од земјата што со децении важеше за евтино производство на стоки, место за пласирање на нивните производи и снабдувач на важни продукти. Во основа, ова се сведува на деглобализација, разбивање на меѓународната мрежа што се промовираше во изминативе 40 години.
НАТО ќе мора да го земе предвид сето ова во новата стратегија, која треба да биде развиена пред следниот јунски самит на Алијансата во Мадрид. Тоа е можно само доколку во Белата куќа седи претседател како Џо Бајден, еднакво посветен на Европа и трансатлантската соработка тековно и по 2025 година. Тешко е да се замисли каква ќе беше сликата доколку Доналд Трамп и денес беше на чело на САД. Руската акција им покажа на Европејците колку во основа Вашингтон е незаменлив.
Санкциите против Русија и Белорусија ќе останат во сила и по конфликтот за кој се очекува брза разврска. Целта ќе мора да остане иста, односно руската економија и општество да се оневозможат за дејствување сè додека постои „системот на Путин“. Според тоа, НАТО има голема задача пред себе. Преместувањето на неколку илјади војници и распоредувањето четири нови борбени единици на НАТО во четири држави на источната граница на Алијансата нема да биде доволно.
Денес НАТО не би можел рапидно да одбие масовен руски напад на копно или на море. Постојат сомнежи во однос на тоа дали нуклеарното одвраќање, кое беше клучниот елемент на рамнотежа на силите за време на Студената војна, сè уште може да функционира. НАТО, Европската Унија и Западот како целина ќе мора повторно енормно да се вооружат и да ги зајакнат своите армии. Некои држави, како на пример Германија, веќе го препознаа моментот и најавија зголемување на одбранбените трошоци. Дел од буџетот ќе биде наменет за обнова на територијалната војска со пешадија, тенкови, артилерија и моќна воена авијација. Во финансиска и општествена смисла, ова ќе биде голем потег, кој ќе има силно влијание врз секојдневниот живот на луѓето. Со денешните умерено мотивирани армии, ова би можело да биде тешко да се постигне. Со цел да создадат ефикасно одвраќање, Германија и другите држави би можеле да бидат принудени повторно да воведат задолжителен воен рок, доколку сакаат да обучат доволно персонал и резервисти. Ова звучи како тежнеење кон темното минато, кое многумина го сметаа за надминато. За жал, можеби ова е новата реалност за Европа.