Во Кина започнува масовно производство на беспилотни летала за превоз на патници
Управата за цивилно воздухопловство на Кина го издаде првиот сертификат во светот за масовно производство на електрични дронови со вертикално полетување и слетување за превоз на патници на компанијата „Еханг“. Експертите го оценуваат ваквиот чин како важен чекор на патот кон масовно производство на беспилотни летала за превоз на патници.
Станува збор за дронот „ЕХ 216-С“, висок 1,93 метар и широк 5,73 метри, што може да превезува двајца патници со брзина од 130 километри на час и со максимален домет од 30 километри. Може да се користи во превоз на патници, за патување, во логистика, но и за итни мерки.
Според информацијата на „Ројтерс“, токму компанијата „Еханг“, глобален лидер во развојот на технолошки платформи за урбана воздушна мобилност, веќе доби сертификат за безбедност од Управата за цивилно воздухопловство на Кина минатиот октомври за своите патнички дронови, што е прв чекор кон начините за нивна поширока комерцијална употреба.
Како што наведува „Ројтерс“, во светски рамки веќе е познато дека „Боинг“, „Ербас“, „Јунајтед ерлајнс“ и „Стелантис“ се меѓу компаниите што веќе инвестираат во новиот сектор на електрични патнички авиони со вертикално полетување и слетување.
Во оваа област еден од најтешките предизвици за секторот е исполнувањето на строгите безбедносни барања, главно поради работата во густо населените урбани области, како и барањата за бучава и загадување на воздухот.