Стефан Стамболов

Многубројна историска литература, документација и сведоштва го потврдуваат ставот на припадниците на македонскиот народ, токму како реакција на бугарските обиди да ја задушат македонската национална ренесанса и да ја негираат посебноста на македонскиот народ, од кој се родиле различните форми на отпор од минорни до најрадикални. Токму во Бугарија историските факти сведочат дека Македонците се организираа или активно ѝ се спротивставуваа на власта, јавно демонстрирајќи на европската политичка сцена дека нема никојпат да се согласат со деноминаторските нихилистички бугарски политики кон македонскиот народ. Една од таквите форми на отпор и демонстрација на отворено крајно радикално спротивставување на политиките на Софија спрема Македонците биле и – атентатите. Најпознати такви форми на отпор се атентатите на двајца бугарски премиери, Стефан Стамболов и Александар Стамболијски, како и на неколку бугарски министри и дипломатски претставници, како што се атентатите на Христо Белчев или на Александар Димитров. Но за обележување е дека ваквите македонски пројави во бугарската држава биле мотивирани од македонските интереси и најчесто Македонците дејствувале против оние бугарски фактори што биле лидери во негативната настроеност кон Македонците и нивните политички слободарски стремежи.

Кулминација на македонската демонстрација на отпорот кон деноминаторските политики на официјална Софија се случила на 18 јули 1895 година, кога Стефан Стамболов, бугарски политичар, државник и премиер, бил убиен во Софија од страна на неколку Македонци. Од тогаш, во наредните неколку децении Македонците се пројавуваа како организатори на низа радикални форми на отпор насочен кон уривање на политиките на антимакедонизмот, отпор кон задушувањето на македонското будење и стремежи за своја автономија или независност и живеење на своја македонска територија, која била владеена од немакедонски фактори. Токму оттогаш се појавуваат и т.н. атентатори, кои своите радикални активности ги насочиле кон повеќемина значајни бугарски политички и општествени личности, надевајќи се дека на тој начин ќе ги остварат своите слободарски сништа за својот македонски народ.

Зошто беше убиен Стефан Стамболов?

Убиството на Стамболов е условено од неколку политички сегменти. Но меѓу другите, историјата забележува дека во неговите политики особено била истакната неговата македонофобија, особено забележителна во политичките гонења на Македонците во Бугарија. За македонофобијата на Стефан Стамболов постојат повеќе извори и сведоштва. Најпрво треба да се спомене англиската писателка Идит Дарам, која вели дека бугарската политиката кон Македонија предизвикала незадоволство поради што Стамболов бил збунет и „почна да не ги сака Македонците“.
Нетрпението на Стефан Стамболов кон Македонците се потврдува и од Константин Кондов (македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонскиот комитет), кој во своите спомени ја опишува тогашната антимакедонска клима. Според Кондов, на почетокот на 1892 година во Цариград (Истанбул) бил убиен бугарскиот дипломатски претставник Георги Влкович Чолаков, поради што „во главите на тогашните бугарски владетели, кои станаа рамнодушни кон сè македонско, ги обзеде неоправдана македонофобија“.
– Многу македонски општествени функционери, учители, службеници, трговци, студенти, па дури и ученици, иако совршено невини, беа подложени на грди мачења и осудени – пишува Кондов во своите спомени.
Оваа антимакедонска кампања во бугарското општество ја почувствувал и самиот Кондов кога заедно со Борис Сарафов и Димитар Думбалаков станал жртва на оваа македонофобија при софиските улици.
– Еден зимски распуст се враќавме на училиште од одмор и брзавме на вечерен преглед. На улицата Трговска, пред џамијата, забележавме стражар како безмилосно го тепа продавачот на печени костени стоејќи на тротоарот, пцуејќи го со изразите: „мама ти македонска“ и со еден удар му го истури послужавникот. Тројцата истрчавме и му го грабнавме непознатиот Македонец од рацете на огорчениот и жесток полицаец, кому му помогнавме да ги собере расфрланите костени и пари – се сеќава Константин Кондов во своите спомени.
Жестокостите на Стамболовата македонофобија особено доаѓаат до израз по убиството на Христо Белчев (бугарски министер за финансии) и неуспешниот атентат врз Стамболов во 1891 година. По овој неуспешен атентат, бугарската влада на Стефан Стамболов започнува со гонење на значајните Македонци во Бугарија, а меѓу нив е и Александар Караѓулев, истакнат македонски деец, редактор на весникот „Македонски глас“ и организатор на македонското читалиште во Софија. Под изговор дека е учесник во дејства против владата на Стамболов, Караѓуле е уапсен, а по тешките измачувања е обесен во 1892 година во Софија. Според сведоштвата на современиците, поради ѕверските мачења во софискиот затвор, Александар Караѓулев самиот ја испеал песната „Послушајте патриоти“, во која меѓу другото се вели: „Во зандани бев измачен, ниту вода ниту леб, телото ми потемнело, долга риза до земја. Ах немојте да ме мачејте, јас сум невин како цвет сум се борел за слобода – за човечки правдини“.
Стефан Стамболов предизвикал незадоволство кај Македонците и поради тоа што се пројавил како главен носител на бугарската пропаганда во Македонија. Ова негодување е особено забележливо во брошурата „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, печатена во Софија од страна на Иван Хаџи Николов, а напишана од Петар Поп Арсов. Споменатата брошура е насочена кон разобличување на политиката на Стамболов и црковно-просветната пропаганда на Бугарската егзархија во Македонија. За Стамболов во брошурата можеме да го прочитаме следното: „Тој блудник, кој се подигра со честа, животот и имотот на своите сотатковници во кнежевството, посака да го направи истото и со нас Македонците во сопствената наша татковина – Македонија“.
– Токму таква е нашата положба: ни даваат пари за да не’ убијат. По врага со тие пари, ако убивајќи ги нашите општини им натрапуваат севозможни претседатели, директори, учители и други, за да ги контролирале (?!) сумите единствениот мотив на бугарската пропаганда! Да, бугарската пропаганда! Најважните служби Егзархијата им ги доверува на Бугари: владици, архимандрити, директори, инспектори, учители, деловодители, редактори итн. итн., а од егзархиска служба ги отстранува совесните Македонци против кои се употребуваат сите дозволени и недозволени средства да бидат изгонети надвор од својата татковина. Со тоа „народната“ Егзархија совршено смислено се стреми да го ликвидира, секое посамостојно движење кај нас, на Македонецот да му одземе секаква можност да се занимава со повозвишени општествени прашања; да нѐ окове во синџири за да нѐ разигрува како мечка и да нѐ води таму од каде што ќе добие поголем бакшиш – пишува Петар Поп Арсов во брошурата „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“.
Македонофобијата, како и гонењето и убиствата на повеќемина значајни македонски дејци ги втурнале Македонците кон таен сојуз со оние бугарски политички чинители што биле противници на Стамболовата антируска и проосманлиска надворешна политика, сојуз од кој и произлегло убиството на Стефан Стамболов. Дека станува збор за поширок политички заговор потврдуваат повеќе извори и сведоштва, а меѓу нив се и пишувањата на бугарскиот весник „Слобода“ од 10 јули 1895 година. Според пишувањата на „Слобода“, но и на неколку други бугарски весници од тој период, Стефан Стамболов непосредно пред убиството се обидувал да добие пасош и да ја напушти Бугарија, под изговор дека треба да се лекува, но бугарските служби никогаш не му го издале пасошот.

(Продолжува)