Високите трошоци и ризици што произлегуваат од долготрајниот конфликт би требало да го мотивираат Киев барем да размисли за можноста за мир со Русија. Но неодамнешното истражување изведено од страна на киевскиот меѓународен социолошки институт излезе со податок дека 82 отсто од Украинците не се согласуваат со територијални отстапки во процесот на концептуални мировни преговори, пишува „Нешнал интерест“

Украина на крстопат меѓу мирот и војната?

По повеќе од 100 дена од руската инвазија на Украина, кампањата на Владимир Путин манифестира значителна промена во динамиката. Она што започна како повеќенасочна и обемна инвазија, сега го насочи фокусот на руската команда кон источната украинска периферија. Откако се откажаа од заземањето на главниот град Киев, руските команданти се решија за помал ризик, така што го намалуваат интензитетот на своите операции во внатрешноста на Украина и се фокусираат на спорните региони што се поблиску до руската граница. По промената на оваа стратегија, судирот влезе во некаков вид ќор-сокак, при што, во текот на последниве неколку недели, Русија стабилно напредува во областа Луганск.
Со оглед на тоа што Русија успеа да заземе речиси една петтина од украинската територија, одредени западни познавачи на состојбите почнаа ја доведуваат во прашање одржливоста на кој било долготраен (развлечен) конфликт во Источна Европа. Сепак, наместо да ја префрлаат целата вина врз Кремљ, обновените апели за мир сè почесто се упатени кон Украина, како кон некој што треба да „пресече“. Најзабележителен досега беше предлогот на поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер, во кој се сугерира раководството на Украина да размисли за отстапување дел од територијата во замена за прекин на огнот.
Ваквиот предлог не мора да биде нужно изводливо решение за Киев. Споредувајќи ги советите на Кисинџер со историскиот Минхенски договор од 1938 година, украинскиот претседател Володимир Зеленски уште еднаш го истакна патриотизмот со кој неговата влада раководи со одбраната од руските сили уште од самиот почеток на инвазијата.

Против територијални отстапки

Истовремено, се чини дека украинскиот народ искажува слична реакција на можноста за отстапување територија во замена за мир. Неодамнешното истражување изведено од страна на киевскиот меѓународен социолошки институт излезе со податок дека 82 отсто од Украинците не се согласуваат со територијални отстапки во процесот на концептуални мировни преговори.
И покрај силните критики, забелешките на Кисинџер изразуваат мрачно чувство на реализам. Војната на Кремљ против Украина зеде голем данок во економијата и населението на земјата. Коментарите на Кисинџер – меѓу другите сè погласни повици за мир – отвораат интригантни прашања за трошоците во случај на долготрајна војна.
Настрана од илјадниците човечки жртви во Украина, воените трошоци носат голема штета за економијата на земјата. Како што беше наведено во неодамнешната студија на Киевската школа за економија, досега војната ја чини Украина околу 600 милијарди долари. Од севкупниот трошок, 92 милијарди долари отпаѓаат на оштетена инфраструктура, при што 195 фабрики во моментов се неактивни. Штетите што ги трпат бизнисмените во Украина имаат големи импликации врз економијата на оваа држава.
– Светската банка проценува дека таа ќе се намали за околу 45 отсто. Програмата на ОН за развој излезе со извештај дека половина од сите украински компании се затворени, додека преостанатите работат далеку под своите капацитети. Некои од најзначајните украински индустрии – челичната, металната и дрвната – речиси не работат. Имајќи го предвид уништувањето на постројката во Азовстал и на последната украинска функционална рафинерија за нафта, враќањето на индустрискиот капацитет на земјата на предвоените нивоа ќе бара огромен финансиски ангажман, пишува „Нешнал интерест“.
Дополнително, за време на инвазијата, руските сили уништија 23.800 километри патишта, за чија реконструкција ќе бидат потребни години.

Економски последици

Најсериозна пречка за опстанокот на Украина претставуваат економските предизвици со кои нејзините лидери ќе мора да се справуваат по завршувањето на војната. Дури и да излезе како победник во оваа војна, Киев секако ќе мора да се соочи со големо економско мочуриште. Кратењето на овие загуби преку повторно разгледување на можноста за прекин на огнот би можело да го ублажи неизбежниот финансиски товар за оваа земја.
Украина се потпира и на воена и економска помош од земјите-членки на НАТО, особено од САД и Велика Британија, кои неодамна се согласија да придонесат со напредни ракетни системи со долг дострел, способни за гаѓање оддалечени руски цели. Меѓутоа, зависноста на Киев од западни поддржувачи ќе претставува сериозен ризик, доколку помошта од НАТО за Украина се намали или сосема исчезне.
САД и нивните главни сојузници во НАТО веќе вложија милијарди долари за финансирање и оружје, но неизвесно е уште колку долго Западот ќе продолжи да ги финансира украинските воени напори. Инфлацијата што наближува и предизвиците на домашен терен може да го одвлечат вниманието на западните помагачи на Украина, а воениот замор може да го намали ентузијазмот на нивното население во однос на нејзината победа. Во случај западното медиумско внимание да го тргне својот фокус од војната, Русија би можела да ја прошири својата инвазија, со помал ризик од предизвикување понатамошна загриженост кај меѓународната заедница.
Воедно, поддршката би можела да се намали доколку украинските сојузници не се согласат за крајниот исход на војната. САД и другите НАТО-членки беа единствени во поддршката за Украина, но нивните цели сега почнаа да се разликуваат. Европските лидери, вклучувајќи ги и францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанскиот премиер Марио Драги, неодамна го пренасочија своето внимание кон можноста за прекин на огнот меѓу Русија и Украина.

Можноста за спогодбен мир?

Украинските команданти, од друга страна, ја отфрлаат можноста за спогодбен мир, бидејќи инвазијата предизвика постојано чувство на недоверба кон Путин и кон неговата посветеност во однос на намалување на тензиите.
Навидум, Лондон, Варшава и Вашингтон ги споделуваат ставовите на Киев, при што американскиот секретар за одбрана Лојд Остини јави дека „сакаат да ја видат Русија ослабена до степен да не може веќе да прави работи какви што направи во текот на инвазијата на Украина“. На сличен начин, Обединетото Кралство изрази дека ги поддржува украинските сили во обновувањето на границите од пред 2014 година. Ваквите разлики во приоритетите меѓу членките на НАТО би можеле да ги наведат САД и нивните европски колеги да ја намалат својата воена помош за Украина, сè додека не постигнат консензус што ќе ги задоволи нивните клучни интереси. Без оглед на тоа колку ефикасно украинската војска се спротивставува на инвазијата од Москва, доколку поддршката од НАТО – врз која Зеленски многу се потпира – се намали, задачата за украинската војска ќе станува сè потешка.
Русија е сега веројатно во покомотна позиција одошто на почетокот на инвазијата, што дополнително ја усложнува положбата на Украина. И покрај неуспешниот обид за промена на режимот во Киев, Русија сè уште става главен акцент на намерата да спречи понатамошно кокетирање меѓу Украина и НАТО. Најизводливо решение за неа би било обезбедување тампон-зона во областите Доњецк и Луганск, за да ја брани својата внатрешност од упади преку истурените украински граници и да стекне политичко влијание врз Киев, со искористување на русофилската демографија во регионот на Донбас. Како што неодамна изјави секретарот на рускиот Совет за безбедност, Кремљ не е под притисок од никакви рокови. Откако стана некаков вид отпадник од европската заедница, Москва се чувствува принудено да им се посвети на своите воени цели. Иако руската економија навлезе во рецесија, со прогнози за намалено производство од над 11 отсто само во оваа година, таа и понатаму е способна да ги издржи воените активности на земјата.

Продолжениот конфликт

Полека но сигурно, Русија ги постигнува своите поставени цели, а Украина чувствува сè поголем притисок поради фактот што нејзината војска останува во дефанзива.
На украинските воени сили им треба време за интеграција на огромната воена опрема добиена од НАТО, која се разликува од оружјето од советската ера, на кое тие се навикнати. Наедно, Киев допрва треба да започне со офанзива против клучни цели во рамките на Русија, за да го ублажи притисокот врз своите источни и јужни граници.
Конечно, договарањето прекин на огнот и условите под кои тој би се случил остануваат исклучиво одговорност и одлука на украинскиот народ и неговите избрани претставници. Зеленски и порано ги има разгледувано можностите за преговори, дури изјави и дека е подготвен да се воздржи од влез во НАТО во корист на мировна спогодба со Русија. Во текот на последниве неколку дена, украинските сили успешно повратија делови од Северодоњецк и одбија низа руски напади во близината на Изјум. Истовремено, украинскиот отпор во областите под окупација на Русија и понатаму е силен. Едно друго истражување, спроведено од страна на киевскиот Меѓународен социолошки институт, покажа дека 82 отсто од Украинците што живеат на териториите под руска контрола имаат негативен став кон Русија, што води кон пораст на партизански единици зад непријателските воени линии. Високиот јавен морал на Украинците и тековната поддршка од НАТО можеби, сепак, ќе се покажат доволни за одбрана на земјата.
Меѓутоа, високите трошоци и ризици што произлегуваат од долготрајниот конфликт би требало да го мотивираат Киев барем да размисли за можноста за мир со Русија. Продолжениот конфликт ќе ги зголеми украинските трошоци и ќе го усложни опстанокот на Украина, дури и ако таа победи во војната. Сосема соодветно на ова, Кисинџер еднаш изјави дека „иако никогаш не треба да се откажеме од своите принципи, мораме да сфатиме и дека не можеме да ги задржиме ако не преживееме“.
И покрај тоа што мировен договор со територијални отстапки за Украина можеби изгледа како разорно решение, тој може да биде мотивација за враќање кон дипломатијата и начин да се избегнат понатамошните финансиски и човечки загуби. Имајќи ја предвид посветеноста на Кремљ за победа, ваквите преговори веројатно ќе изискуваат одредени компензации, за да се гарантираат идната украинска безбедност и социоекономска благосостојба.