Конфликтот на истокот на Европа ги зголеми влоговите и фрли светло врз ризикот од формирање алтернатива на НАТО, истакнува Џејсон Дејвидсон за „Нешенел интерест“
Безбедносни механизми на Стариот Континент
Во пресрет на Самитот на НАТО што се одржа во Мадрид, стануваше сè појасно дека Алијансата е единствениот изводлив гарант за безбедноста на европските држави и, според тоа, целта на Европската Унија (ЕУ) за постигнување стратегиска автономија, веројатно, нема да стане реалност во скоро време. На почетокот на избивањето на конфликтот во Украина беше разумно да се очекува дека тој ќе го даде потребниот поттик за ЕУ конечно да постигне стратегиска автономија. Покрај тоа, руската закана беше таков шок што се чинеше дека предизвика „лавина промени“ во одбранбената политика за многу европски влади. Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден со право сигнализираше дека ќе поздрави поголема европска одговорност за одбраната и безбедноста, бидејќи ќе им овозможеше на САД повеќе да се фокусираат на Азија и на Пацификот.
Како понатамошен позитивен развој, ЕУ објави „Стратегиски компас“, во кој ги прикажа своите планови за подобрена одбранбена и безбедносна соработка, само еден месец по почетокот на украинскиот конфликт. Конфликтот ги зголеми влоговите и го направи очигледен ризикот од формирањето алтернатива на НАТО, големите европски членки Франција и Германија дејствуваа на начини што фрлаа сомнеж во нивната способност да водат, а кандидатурата за членство во НАТО на Шведска и на Финска покажа дека поддршката на САД е единствената вистинска гаранција против руската закана.
Што се подразбира под поимот „стратегиска автономија“?
Иако европската автономија во одбраната и безбедноста е дамнешна цел, критиките на претседателот Доналд Трамп кон НАТО и изразената желба да се повлече од Алијансата, наведоа многу европски политичари да бараат алтернативи. Што подразбираат поборниците за стратегиска автономија под поимот? Во интервјуто за „Економист“ во ноември 2019 година, Емануел Макрон прогласи „клиничка смрт“ за НАТО и рече дека „Европа мора да стане автономна во однос на воената стратегија и капацитет“, подоцна тврдејќи дека „таа има капацитет да се брани себеси“. Во рок од една недела од украинскиот конфликт, Макрон изјави дека „Европа мора да инвестира повеќе за да ја намали зависноста од другите континенти и да може сама да одлучува“. Со други зборови, таа мора да стане сила што е и понезависна и посуверена. Така, стратегиската автономија, според нејзиниот водечки предлагач, би значела ЕУ да биде способна да ги брани своите членки без помош од САД. Со оглед на новата реалност, влогот за избор на вистинска безбедносна архитектура е поголем отколку што беше со децении. Доколку европските земји се обложиле на непозната и непроверена ЕУ за своја одбрана, би ризикувале напад, територијална загуба, па дури и потчинување.
Франција и Германија, двете водечки економии на ЕУ, со најголеми воени трошоци и најгласни поборници за стратегиска автономија, дејствуваа на начини што ја направија помалку веројатна да се оствари. Прво, многу европски лидери, особено оние што се граничат со Русија, со голема загриженост гледаат на француските и германските повици до Украина да направи компромиси со Русија. Од перспектива на оние земји што се најзасегнати со руската закана, апелот за дипломатско решение може да значи дека тие се принудени да се откажат од територија заради поголемо добро. Второ, постои добро документиран јаз помеѓу воениот капацитет на членките на ЕУ и она што им е потребно за да бидат вистински автономни во одбраната. И покрај првичните индикации за спротивното, сега се чини сè поневеројатно дека Германија ќе се вклучи во значителна промена во нејзините трошоци за одбрана и стратегиска култура, што ќе го спречи чекорот кон европска стратегиска автономија.
Кандидатурата на Финска и на Шведска за членство во НАТО
Неодамнешната одлука на владите на Шведска и на Финска да аплицираат за членство во НАТО го означи крајот за стратегиска автономија на ЕУ. Двете земји се членки на Унијата, така што и двете треба, теоретски, да бидат заштитени со одбранбената клаузула од Лисабонскиот договор од членот 42. Згора на тоа, двете земји разбираат дека чинот на аплицирање во НАТО ќе го навлече гневот на Русија. Тие, исто така, беа свесни дека ќе поминат барем неколку месеци од моментот кога ќе аплицираат за членство додека да ја добијат целосната заштита од членот 5 за заемна одбрана на НАТО. Како такви, доколку веруваа дека стратегиската автономија на ЕУ би можела да им обезбеди доволна заштита од Русија речиси на среден рок, би било рационално да останат надвор од НАТО. Но Шведска и Финска избраа поинаку.
Што ако Доналд Трамп или негов републикански поддржувач, но критички настроен кон НАТО победи на следните претседателски избори во САД? Зарем тој исход нема да ги принуди Европејците да се вратат на стратегиската автономија? Прво, со оглед на двопартиската загриженост на американската јавност за заканата што ја претставува Русија, не би било политички целисходно републикански кандидат да ги нагласи критиките на НАТО на начин на кој тоа го правеше Трамп претходно. Второ, додека реторичките критики на Трамп кон НАТО беа жестоки, политиките на неговата администрација кон Алијансата беа доста поволни. Конечно, руско-украинскиот конфликт, веројатно, ќе наведе повеќе земји од НАТО да ја исполнат целта за трошоците за одбрана од два отсто од БДП.
Со оглед на крајот на стратегиската автономија на ЕУ и континуираниот интерес на САД за европската безбедност, НАТО ќе остане клучен безбедносен механизам за Европа.