Фото:ЕПА

Планот има цел да го зголеми индустрискиот капацитет за производство на хуманоидни роботи и да ги поддржи претпријатијата и универзитетите во развојот на клучните компоненти на роботите

Експанзија на технолошкиот напредок за водечка позиција во светот

Градските власти на главниот град на Кина, Пекинг, промовираа нов акциски план за индустриски иновации и развој во индустријата за роботи од 2023 до 2025 година, со цел да се поттикне самостојниот развој низ синџирот на снабдување во клучните технолошки области. Тој доаѓа како продолжение на владините напори да заземе активен пристап во подготовката за идниот развој на индустријата во области како вештачката интелигенција и роботите, велат експертите.
Планот има цел да го зголеми индустрискиот капацитет за производство на хуманоидни роботи и да ги поддржи претпријатијата и универзитетите во развојот на клучните компоненти на роботите. Главниот град, исто така, има цел да го поддржи формирањето иновативен центар за хуманоидни роботи.
Во планот се вклучени конкретни цели. До 2025 година, иновациската способност на градот Пекинг во индустријата за роботи ќе биде значително подобрена и ќе се направат 100 типа роботски производи со висока технологија и висока додадена вредност, заедно со 100 сценарија за примена. Се очекува роботската индустрија во градот да генерира приход од повеќе од 30 милијарди јуани до 2025 година.

Примена на роботите

Апликативните сценарија за хуманоидни роботи имаат широка намена, со потенцијална побарувачка во индустриите, кои се движат од секторот за услуги до општинско гаснење пожари, изјави истакнатиот технолошки аналитичар Сијанг Лиганг.
Тој додаде дека државата треба проактивно да планира и да се подготви за иднината за да има водечка позиција во светот. Зборувајќи за важноста на развојот на хуманоидни роботи и вештачка интелигенција, Сијанг рече дека тоа бара високи нивоа на технолошка интеграција и го претставува јадрото на технолошкиот развој. На пример, роботите треба да бидат способни да се движат и да одржуваат рамнотежа, и треба да бидат способни да чувствуваат и да реагираат на околината, притоа демонстрирајќи одредени нивоа на вештачка интелигенција и разбирање.

Напредок во индустријата

Кина е активен играч во развојот на технологијата во оваа област, што ѝ дава предност на земјата за постигнување на своите амбициозни цели. Во јануари 2022 година, петнаесет владини оддели, вклучувајќи ги и Министерството за индустрија и информатичка технологија и Националната комисија за развој и реформи, подготвија план Кина да стане глобален лидер во иновациите во технологијата на роботи до 2025 година.
Развојот на Кина во сродните индустрии е забележлив во однос на експанзијата и технолошкиот напредок. На пример, од 2016 до 2020 година, обемот на роботската индустрија во земјата порасна со просечна годишна сложена стапка од околу 15 отсто. Пробивот во клучните технологии и компоненти како што се прецизните редуктори и интелигентните контролери исто така се забрзаа, а иновациите и сценаријата за примена постојано се појавуваат.