Лунарните амбиции на Кина се огромни, а тоа најдобро го илустрира веста дека научниците веќе развиле концепт за изградба на куќи на Месечината, кој го нарекоа „лунарен котел“
Кина се подготвува за изградба на „лунарен котел “ – првата станица на земјиниот природен сателит
Кина ја интензивира работата на планот за слетување луѓе на Месечината до 2030 година и за изградба на првата станица за истражување на Месечината до 2035 година. Лабораторијата на универзитетот за наука и технологија „Хуажонг“ во Вухан веќе работи на симулација на изградба на лунарни градби, пишува „Глобал тајмс“.
Академик Динг Лијејунг, главен научник во центарот и лидер во развојот на лунарни тули, рече дека неговиот тим веќе спроведува различни експерименти. Во почетокот ја испитувале структурата на куполата, сводовите, столбовите…
Динг за медиумите изјави дека површината на Месечината претставува голем предизвик поради екстремното опкружување, ограничените материјали на локацијата, недостигот од течна вода, слабата гравитација, температурната разлика од 300 степени помеѓу денот и ноќта, зрачењето, сложената геологија и топографија.
– Овие фактори ја прават изградбата на станица на Месечината многу предизвикувачка – рече тој.
Како што додаде, на крајот решиле да изградат „лунарен котел“, двослојна структура со внатрешност на две нивоа.
– Сѐ додека не пристигнаа примероците собрани од „Чанг’е-5“, можевме да се потпреме само на податоците од програмата „Аполо“. Сега знаеме многу повеќе. Веднаш ми беше јасно дека не треба да почнуваме од почеток – рече тој.
Оваа година Кина стана прва во историјата што успеа да земе примероци од лунарната почва од далечната страна на земјиниот сателит, таканаречената темна страна на Месечината. Овој потфат покажа дека оваа земја доминира во лунарната програма и во новата вселенска трка.