„Една од најголемите инвестиции во историјата на Унгарија“ би требало за три години да стане првата кинеска фабрика во Европската Унија, која ќе произведува 100.000 електрични автомобили годишно
Економски вести од регионов
Откако ја престигна „Тесла“ по бројот на продадени електрични автомобили во последниот квартал од 2023 година, кинеската компанија БЈД деновиве се впушта во нови деловни потфати. И покрај фактот што ги продава своите возила на европскиот пазар од 2020 година, БЈД го направи првиот значаен чекор за проширување на европскиот пазар на претпоследниот ден од јануари, потпишувајќи прелиминарен договор со властите на општината Сегед за купување земјиште за изградба на фабрика за патнички автомобили.
Колкава важност ѝ придаваат кинеската и унгарската страна на оваа работа говори фактот што, заедно со претставниците на кинеската компанија и локалните власти, унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто и првиот човек, основач и претседател на БЈД, Ван Чуанфу, присуствуваа на церемонијата на потпишувањето на договорот. А она што Сијарто го нарече „една од најголемите и најзначајни инвестиции во историјата на Унгарија“, во следните три години треба да стане првата кинеска фабрика за електрични автомобили во Европската Унија, со капацитет да произведува 100.000 возила годишно, кои ќе бидат пласирани на европскиот пазар.
Од БЈД велат дека нивната цел е производство на електрични автомобили локализирани за европскиот пазар, како и трансфер на напредни технологии преку високоавтоматизиран производствен процес, пренесува „Карњуз Чајна“. Освен економската важност, според Чуанфу, оваа работа е дел од пошироките напори за побрза трансформација на унгарската автомобилска индустрија во зелени технологии и побрза транзиција кон возила со ниски штетни емисии.
Кога ќе биде изградена, фабриката во Сегед ќе биде втора фабрика на БЈД во Унгарија, бидејќи кинеската компанија произведува електрични автобуси повеќе од пет години на северот на таа земја, во градот Комаром, на границата со Словачка.
„БЈД ауто“ произведува автомобили, автобуси и камиони од 2003 година, а од 2020 година забележа огромен и забрзан раст на производството и продажбата, што главно се должи на брзиот раст на популарноста и интересот за електрични возила на кинескиот пазар. Минатата година компанијата целосно престана да произведува возила напојувани од фосилни горива, односно со мотори со внатрешно согорување.
Возилата со логото на БЈД моментално се произведуваат во 14 фабрики. Во девет, лоцирани во Кина, комплетното производство се одвива од сите делови до конечното склопување. Преостанатите пет фабрики за електрични возила се лоцирани во Узбекистан, Тајланд, Бразил, Унгарија и во Индонезија и се дел од глобалната стратегија за проширување на кинеската компанија, проследена со локализација на сите нејзини клучни пазари.