Наука

Кинеските научници работат на проект што ќе им обезбеди клучни податоци за проучување на еволуцијата на Месечината. Хемијата на површината на Месечината е од суштинско значење за откривање петролошки карактеристики со цел да се разбере еволуцијата на Земјиниот сателит.
Постојното хемиско мапирање врз основа на лунарните примероци собрани од „Аполо“ и од „Луна“ може да ја открие еволуцијата на Месечината од пред три милијарди години.
Докажано е дека лунарните примероци донесени од кинеската мисија „Чанг’e-5“ носат информации за младата вулканска активност од пред околу две милијарди години и карактеристичниот состав на материјалот.
– Истражувачкиот тим прецизно ја процени содржината на главните елементи на површината на Месечината со комбинирање податоци од примероците од „Чанг’e-5“, „Аполо“ и „Луна“, со модел на инверзија заснован на длабоко учење – рече Јанг Чен, професор на универзитетот „Џилин“.
Тие потоа создадоа нова карта на распределбата на хемискиот состав на површината на Месечината со висока прецизност и висока резолуција, која сеопфатно ги одразува хемиските карактеристики на површината на Месечината.
– Истражувачите исто така ги калибрираа единиците на базалт од лунарните мориња врз основа на новите пресметки на содржината на елементи, што ќе обезбеди веродостојни податоци за историските студии за магматската активност и топлинската еволуција во доцниот лунарен период и за идните мисии за земање примероци на Месечината – рече Јанг.
Студијата беше спроведена од универзитетот „Џилин“, Националната астрономска опсерваторија на Кинеската академија на науките, Универзитетот во Тренто во Италија, Универзитетот во Исланд и други кинески и странски истражувачки институции. За издвојување е дека Оџианг Зијуан, водечки кинески научник и прв главен научник на кинескиот проект за лунарна сонда, активно беше вклучен во студијата.