Со потекло од Тихи Океан, климатскиот модел на Ел Нињо ја интензивира сушата од Африка до Азија. Зошто Ел Нињо и неговата сестра, Ла Ниња, имаат толку далекосежни временски влијанија
На 4 април, претседателот на Зимбабве, Емерсон Мнангагва, прогласи „состојба на суша катастрофа“ поради „тешката ситуација со храната предизвикана од ефектот Ел Нињо“.
Замбија и Малави веќе прогласија катастрофа бидејќи сушата предизвикана од Ел Нињо продолжи да ги уништува посевите низ јужна Африка.
Овој циклус на Ел Нињо, за кој научниците велат дека започнал околу јуни и го достигнал врвот во декември пред да почне да опаѓа, исто така стои зад екстремната топлина и сушата во Југоисточна Азија – вклучувајќи и на Филипините, каде што училиштата се принудени да се затворат поради рекордните температури.
Метеоролошкиот феномен на Тихи Океан, Ел Нињо – „малото момче“ на шпански – е поврзан со рекордните глобални температури во 2023 година, која беше најтоплата година досега.
Неговата сестра „малечко девојче“, Ла Ниња, создава временски шеми што, иако променливи, имаат тенденција да бидат повлажни и да водат до интензивни бури и урагани.
Како Ел Нино предизвикува временски екстреми
Временската фаза Ел Нињо е дел од таканаречената Ел Нињо-Јужна осцилација (ЕНСО), климатска шема активирана во Тихи Океан.
Ел Нињо вообичаено се случува на секои две-седум години кога редовните ветрови – пасати – кои се движат исток – запад низ Пацификот слабеат, а понекогаш дури и обратно.
Овие ветрови обично дуваат низ екваторот и ја носат топлата вода од Јужна Америка кон Југоисточна Азија и Австралија.
Но кога ветровите почнуваат да се смируваат, потоплата вода останува во Јужна Америка и не успева да патува на запад. Бидејќи топлината го потиснува вообичаеното дополнување на ладна вода во источниот дел на Пацификот, дополнителната топлина во атмосферата обично ги зголемува регионалните врнежи и предизвикува поплави во северните јужноамерикански земји, како што е Боливија.
Во меѓувреме, отсуството на топла вода во западниот Пацифик може да резултира со суша и екстремни температури.
Иако предвидувањата за сезона на кошмарни пожари во Австралија во летото 2023-2024 година на врвот на циклусот Ел Нино не се остварија, од август до октомври сè уште беа најсушните месеци во последните 120 години.
Нарушувањето на топлината на океаните од страна на Ел Нињо може да ја промени патеката на млазните потоци – силни ветрови далеку над земјата – кои патуваат низ планетата и ги водат дождовите. Ова предизвикува широко климатско нарушување, вклучувајќи го застојот на монсуните во Индонезија и Индија, но и намалување на активноста на ураганите во Атлантикот.
Понатаму, Ел Нињо беше делумно виновен за обилните дождови и поплавите во Источна Африка кон крајот на 2023 година. До крајот на минатата година, во поплавите загинаа најмалку 120 луѓе и беа раселени 700.000 жители во Кенија.
Иако истражувачите открија дека директното влијание на Ел Нињо врз врнежите во источна Африка е релативно скромно, тие велат дека тоа може да започне позитивен дипол на Индиски Океан, уште еден климатски модел што носи екстремни поплави во регионот.
Ла Нина поттикнува бури и урагани
Ла Ниња, уште една клучна фаза во ЕНСО, има спротивно влијание од Ел Нињо бидејќи доминантните источно-западни ветрови стануваат посилни од вообичаеното.
Зголемувањето на потоплата вода на запад носи зголемени врнежи во Австралија и Југоисточна Азија.
Фазите на Ла Ниња може да предизвикаат суша и шумски пожари во регионите на источниот дел на Пацификот од југозападниот дел на Соединетите Американски Држави и Мексико до Јужна Америка. Сепак, регионалната варијабилност значи дека североисточните американски држави и Канада имаат тенденција да бидат повлажни и постудени за време на зимите во Ла Ниња.
Ла Ниња, исто така, обично ја подобрува активноста на ураганите во атлантскиот басен, феномен што се влошува со рекордно топлите температури на површината на океаните во Атлантикот.
Влијанијата е тешко да се предвидат
Иако Ла Ниња и Ел Нињо се природни обрасци, нивните релативни влијанија може да варираат во зависност од нивното време, времетраењето и сложените климатски влијанија, кои вклучуваат глобално загревање предизвикано од човекот.
Постојат некои докази дека климатските промени ги направија настаните на ЕНСО почести и поинтензивни.
Научниците рекоа дека циклусите Ел Нињо и Ла Ниња, веројатно, ќе бидат посилно погодени додека планетата се загрева. Потоплиот воздух задржува повеќе вода и предизвикува поекстремни врнежи.
Истражувачите додаваат дека постигнувањето нето нула емисии на стакленички гасови преку постепено исфрлање на фосилните горива има потенцијал да ги ограничи и глобалното загревање и влијанијата на ЕНСО.