На овој начин многу се подобрува ефикасноста на итните дистрибуции, затоа што врз нив не влијаат сообраќајните услови, а истовремено се намалува и ризикот од инфекции за време на испораката, пишува Хе Ќи за „Чајна дејли“

Алтернативна употреба на беспилотните летала

Неодамна од дистрибутивниот центар на шангајската област Џиншан полетаа два дрона, кои носеа 20 килограми ориз и зеленчук. Пет минути подоцна, дроновите слетаа на отворениот простор во селото Баовеи, на три километри оддалеченост од Џиншан. Донесените резерви беа донација од провинцијата Хебеи. По слетувањето, волонтерите ги дезинфицираа намирниците пред да ги дистрибуираат до локалното население. Двата дрона беа испратени од базата за беспилотни воздушни летала во индустриската зона Џиншан во Источна Кина. Раководителот на базата, Суе Бин, истакна дека оттаму започнале да доставуваат намирници, вклучувајќи и лекови и пакети за ручек уште од избувнувањето на оваа рунда од епидемијата.
Последните пратки главно се превезуваат со дронови „СФ фангзу икс 8“, кои при полетување поддржуваат тежина од 42 килограми и се оспособени да носат намирници со тежина до 10 килограми на далечина од 20 километри. Суе објасни дека нивната главна намена е градска дистрибуција, но тие можат да доставуваат и средства за прва помош. На овој начин многу се подобрува ефикасноста на итните дистрибуции, затоа што врз нив не влијаат сообраќајните услови, а истовремено се намалува и ризикот од инфекции за време на испораката.
Во друг случај, со дрон му биле доставени лекови за висок притисок на Џи Руванг, производствен надзорник во фабрика лоцирана во индустриска зона. Џи останал без лекови, работел прекувремено и не спиел доволно поради итната порачка за изградба на импровизирани кревети и други средства за превенција од пандемии. Неговата компанија побарала од сервисниот центар да помогне во испораката на лековите.
Освен за испорака на храна и итни медицински средства, беспилотните летала се користат и за јавни објави. Од самиот почеток на епидемијата, заедниците од градот Жуанкиао во шангајската област Минханг користат дронови за да го информираат населението околу бесплатните тестови за коронавирус. Градски функционер изјави дека употребата на дронови им овозможува на властите да информираат поголем број луѓе, а притоа да користат помала работна сила. Суи истакна дека откако почнала со работа, базата во целост ги искористила своите предности, испорачувајќи итни намирници, дезинфицирајќи јавни површини и одржувајќи ги јавниот мир и безбедност, со што се намалил ризикот од контакт и се ублажил недостигот од волонтери.
Со работна површина од 2,73 квадратни километри, оваа база за беспилотни воздушни летала во Источна Кина беше една од првите цивилни експериментални кинески бази изградени во 2018 година, со возен парк од над 50 модели на дронови, користени за логистика и дезинфекција. Повеќе од 30 беспилотни летала и пет искусни оператори во базата учествуваа во најновата тура на пандемиска превенција, која вклучува испораки, дезинфекција и патролирање.