Фото: ЕПА

Самоуправувачките такси-возила беа воведени пробно во главниот град во март, по серијата тестови на патиштата, кои беа спроведени во присуство на безбедносни надзорници

Вештачката интелигенција и јавниот превоз во Кина

Поголем возен парк на самоуправувачки такси-возила наскоро ќе биде достапен за користење во главниот град на Кина, бидејќи Канцеларијата на пекиншката зона за автономно возење на високо ниво одлучи во комерцијална употреба да ги пушти самоуправувачките возила и да ја прошири нивната услужна област.
Неодамна, властите во Пекинг донесоа одлука за да им дозволат на компаниите што ги исполнуваат условите да пуштат во употреба самоуправувачки такси-возила без присутни безбедносни надзорници и да им наплаќаат на патниците за возењето, што претставува дефинитивен чекор напред во комерцијализацијата на интелигентниот транспорт. Самоуправувачките такси-возила беа воведени пробно во главниот град во март, по серијата тестови на патиштата, кои беа спроведени во присуство на безбедносни надзорници.
Кинескиот технолошки гигант „Баиду“ и стартапот за автономна мобилност „Пони.аи“ тогаш добија дозволи да управуваат со самоуправувачки такси-возила преку нивните апликации за возење во рамките на област од 60 квадратни километри во Јиџуанг, лоциран во јужните предградија на Пекинг. Пробните возења беа бесплатни за патниците.
Сега, Канцеларијата на пекиншката зона за автономно возење планира да дозволи комерцијална употреба на самоуправувачки такси-возила на површина од 500 квадратни километри. Заинтересираните компании треба да поднесат барања за добивање дозволи за комерцијално работење. Според канцеларијата, 116 самоуправувачки такси-возила пробно функционираат во Пекинг во последните четири месеци. Тие имаат завршено над 1,5 милион пробни патувања, а вкупната должина на патувањата достигна близу два милиони километри. Повеќе од 95 отсто од оцените на патниците се поволни.
Сите прелиминарни тестови и бесплатни проби поставија цврста основа за комерцијално лансирање самоуправувачки возила и обезбедија богато искуство во беспилотни демонстративни апликации, рече Су Хонгвеи, извршен заменик-директор на канцеларијата. За време на комерцијалното возење на самоуправувачко такси ќе се посвети поголемо внимание на процената на услужните капацитети на компаниите за автономна мобилност, со фокус на преглед на три ризични аспекти како безбедноста на патниците, условите во сообраќајот и функциите за автономно возење, рече Су. Во исто време, ќе се формулираат приспособени планови за дневен надзор и итни случаи за беспилотниот комерцијален возен парк за да се осигури дека овие возила се движат непречено и безбедно на патиштата, додаде тој.
Минатиот месец, Син Гуобин, заменик-министер за индустрија и информатичка технологија, на прес-конференција рече дека Кина отворила патна мрежа од повеќе од 15.000 километри за тестирање интелигентни возила, вклучувајќи такси-возила и автобуси, кои вклучуваат повеќе сценарија за самоуправување, како што се автономна служба за паркирање и беспилотна испорака.