Постои широка согласност дека текот на Голфската струја станува понепредвидлив, што би можело да значи крај на светот, но некои научници велат дека тоа се само претпоставки и мали се шансите да се оствари предвидувањето, пишува Карл Матајсен за „Политико“
Сериозни предупредувања на дел од климатската научна фела
На Голфската струја во Атлантски Океан, која одржува топли големи делови од Европа, би можело да ѝ се случи ненадеен и катастрофален прекин во секое време во наредните децении, според студија што беше неодамна објавена. Колапсот на северноатлантското меридијално струење веројатно ќе се случи „околу средината на векот според сегашното сценарио за штетни емисии“, можеби веднаш во 2025 година, а не подоцна од 2095 година, објавија Питер и Сузан Дитлевсен од Универзитетот во Копенхаген во рецензираната студија објавена во „Нејчр комјуникејшнс“.
Други научници повикаа на претпазливост во толкувањето на наодите. Никлас Боерс од Техничкиот универзитет во Минхен рече дека моделирањето било „премногу поедноставено“, а самите автори на студијата признаа дека направиле претпоставки што биле несигурни.
Северноатлантското меридијално струење ја турка топлата вода на север по текот на Голфската струја. Како резултат на тоа, Англија, која е на иста географска широчина како Канада, е многу потопла. Нејзиниот ненадеен прекин е долгогодишно предвидување за климатските промени, но постојат длабоки поделби меѓу научниците за тоа дали и кога тоа би можело да се случи. Џонатан Бамбер, директор на Центарот за глациологија во Бристол, кој не беше вклучен во студијата, смета дека колапсот на Голфската струја би бил катастрофален. Тој предупреди дека други „веродостојни“ претпоставки во моделирањето од оние што се користат во студијата ќе доведат до „поинаков заклучок“.
Последици од прекинот на Голфската струја
Јули беше прогласен за најтоплиот месец досега. Емисиите на стакленички гасови од согорувањето на фосилните горива предизвикуваат ладна, свежа вода од топењето на ледените плочи на Гренланд да се слева во Северниот Атлантик што создава студена маса во затоплувањето на океанот. Ова се покажало дека е причината за забележаното забавување на текот на струите што ги регулираат морињата што ги заплискуваат европските и северноамериканските брегови, забележа студијата на Дитлевсенови. Научниот двоец е загрижен за добиените резултати од студијата, кои треба да наложат брзи и ефективни мерки за намалување на глобалните емисии на стакленички гасови.
Сепак, Меѓувладиниот панел на ООН за климатски промени неодамна откри дека текот на Голфската струја веројатно нема наеднаш да престане овој век. Ако се случи тоа, рече Пени Холидеј, шеф за морска физика и океанска циркулација во Националниот центар за океанографија на Велика Британија, тоа ќе ја промени климата во светот. Така, голем дел од северната хемисфера би бил зафатен од ниски температури, морскиот мраз би се проширил јужно од Северниот Пол кон Европа, а исто така би се промениле процесите на испарување и врнежи низ целата планета, што може да доведе до појава на суши во некои континенти и поплави во други. Холидеј предупреди дека ова би довело до драматична промена во способноста на секоја нација да обезбеди доволно храна и вода за своето население.
Додека ненадеен колапс сè уште се смета за неверојатен за многу научници, постои широка согласност дека текот на Голфската струја станува понепредвидлив. Тоа само по себе може да има последици, кои е тешко да се сфатат и кои би можеле да се движат од полоши зимски бури во Британија, до пожестоки топлотни бранови во Европа, рече Левке Цезар од Универзитетот во Бремен.