Она што по 22 години може да се констатира за рамковниот договор е дека повеќе нема никаква употребна вредност бидејќи сето она што беше содржано во амандманите соодветствуваше на еден поствоено-конфликтен период, во кој требаше да се залечат раните од воените дејства, да се рестартира функционалноста на државата, но, за жал, и да се отвори патот за амнестирање во пакет со институционално интегрирање на оние што учествуваа во екстремистичките милитантни дејства и беа на другата страна од Уставот и македонските закони. Тие времиња се одамна поминати и рамковниот договор како таков повеќе нема никаква функција, туку, напротив, со дел од продуктите што произлегоа од него, како „балансерот“ и „Бадентеровото мнозинство“, веќе предизвикува сериозни проблеми што ѝ го отежнуваат евроинтегративниот пат на земјата

Изминаа 22 години од потпишувањето на рамковниот договор

Поминаа 22 години од потпишувањето на рамковниот договор, со кој им беше ставен крај на воените дејства предизвикани од упадот на организирани терористички групи од соседството, чија главна цел беше освојување територии, за подоцна, поучени од нивните ментори, да го променат наративот и оружените напади врз македонските безбедносни сили, односно државата и македонските граѓани, да ги претстават како „борба за човекови права“.
Преговорите, кои започнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, завршија со парафирање на документот на 10 август во Охрид, кој три дена подоцна беше потпишан во Скопје. На 13 август 2001 година, во претседателската резиденција на Водно во Скопје, рамковниот договор беше потпишан од тогашниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП, Имер Имери, и тогашните претседатели на СДСМ, Бранко Црвенковски, и на ДПА, Арбен Џафери.
Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите. Покрај потписниците, во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика, и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе домашни правни експерти.
Она што по 22 години може да се констатира за рамковниот договор е дека повеќе нема никаква употребна вредност бидејќи сето она што беше содржано во амандманите соодветствуваше на еден поствоено-конфликтен период во кој требаше да се залечат раните од воените дејства, да се рестартира функционалноста на државата, но, за жал, и да се отвори патот за амнестирање во пакет со институционално интегрирање на оние што учествуваа во екстремистичките милитантни дејства и беа на другата страна од Уставот и македонските закони. Тие времиња се одамна поминати и рамковниот договор како таков повеќе нема никаква функција, туку, напротив, со дел од продуктите што произлегоа од него, како „балансерот“ и „Бадентеровото мнозинство“, веќе предизвикува сериозни проблеми што ѝ го отежнуваат евроинтегративниот пат на земјата.

Тоа го покажа неодамнешната сондажа од страна на Владата на Европската Унија (ЕУ), имено Европската комисија (ЕК), која во рамките на скрининг-процесот на првиот кластер, „Фундаментални вредности“, констатира дека „алатките произлезени од рамковниот договор повеќе немаат употребна вредност и се во целосна спротивност на европската легислатива и практика“!.
– Рамковниот договор едноставно беше наметнат документ и тоа можеше да се забележи по изразите на лицата на сите оние што го потпишаа пред 22 години. Македонија беше отворено нападната од соседно Косово и фактички со потпишувањето на рамковниот договор почна разградувањето на земјава како држава на македонскиот народ, односно растурање на нејзиниот карактер од времето на независноста во 1991 година. Процесот се заокружи подоцна со територијалната поделба, која де факто значеше признавање на освоените територии за време на воениот конфликт, со што уште еднаш само се потврди дека не стануваше збор за борба за човекови права, туку за територии. Како и да е, и самата албанска етничка заедница е свесна дека не може истовремено да се декларира за проевропска, а да инсистира на рамковниот договор бидејќи механизмите во тој договор се спротивни на сето она што сега од нас Европа го бара, како ефикасна и мала администрација, ефективна борба со корупцијата и криминалот, независно судство, мерит-систем и редица други работи. За Европа етнички квоти нема, туку само констатација дали е нешто во согласност со европските закони или не – велат соговорниците што од оваа временска дистанца фрлаат осврт врз рамковниот договор.
Според нив, тој документ имал некакво влијание во одредено време и сега нема зошто одново да се навраќаме на него.
– Договорот ја постигна целта и сега нема логика секоја година да се трошат илјадници евра граѓански пари само да се одбележува нешто што ја изгубило употребната вредност. Време е сите да се свртиме кон работите што го поврзуваат целото македонско општество, а тоа се евроинтеграциите и градењето на Македонија како модерна демократска држава, дом за сите, а не Македонија како почетна дестинација за иселување кон Европа и пошироко во светот – заклучуваат нашите соговорници.