Фото: ЕПА

Подготви: Христо Ивановски

Кинеската компанија „Гили“ произведе нова батерија од типот ЛФП, која може да издржи милион километри и задржува повеќе од 90 отсто од капацитетот на температури од минус 30 Целзиусови степени. Компанијата сака да направи револуција на пазарот на електрични автомобили со новата батерија што овозможува натпросечна издржливост.

Кај батеријата од типот ЛФП (литиум-железо-фосфат), модулите се за 40 проценти помали од стандардните, а „Гили“ тврди дека издржува милион километри и дека нејзината издржливост е дури 50 години.

Исто така, новата батерија се полни побрзо и може подобро да издржи многу ниски температури. Батеријата ќе може да се полни 3.500 пати, а полнењето од 10 до 80 отсто трае 17 минути и четири секунди. Покрај тоа, новата батерија успева да задржи 90,54 отсто од капацитетот на температура од минус 30 степени Целзиусови. Тајната на долгиот работен век на новата батерија лежи во нејзината конструкција. Батеријата постојано беше подложена на екстремни тестови, а овој пат Кинезите отидоа и подалеку.

Батеријата прво била прободена со осум челични игли со пречник од пет милиметри и оставена во таа состојба еден час. Компанијата дури испука куршум од 5,8 милиметри во батеријата и таа не се запали. Батеријата исто така била потопена во морска вода, фрлена во оган, па дури и прегазена со валјак од 26 тони. Батеријата не претрпе значителна штета.

Нема информација кога ќе започне со производство на новата батерија, но „Гили“ им фрли ракавица на конкурентите.