Платите се намалија за околу три отсто од 2019 година во Германија, за 3,5 отсто во Италија и во Шпанија и за шест отсто во Грција / Фото: ЕПА

Просечната земја од Европската Унија (ЕУ) е посиромашна по жител од секоја американска сојузна држава, освен Ајдахо и Мисисипи, според сознанијата на независна експертска група од Брисел. Ако продолжи сегашниот тренд, до 2035 година јазот помеѓу економското производство по жител во САД и ЕУ ќе биде исто толку голем како оној меѓу Јапонија и Еквадор денес, се наведува во извештајот

Според податоци од извештајот на Европскиот центар за меѓународна политичка економија

Со драстично намалување на потрошувачката, Европа западна во рецесија на почетокот на годината, засилувајќи го чувството на релативен економски, политички и воен пад што започна на почетокот на векот.
Тековната неволја на Европа почна да се создава одамна. Стареењето на населението, за кое приоритет се слободното време и сигурноста на работното место пред заработката, придонесе за повеќегодишен слаб раст на економијата и продуктивноста. Потоа се случија пандемијата на ковид-19 и украинскиот конфликт. Со попречувањето на глобалните синџири на снабдување и покачувањето на цените на енергијата и храната, кризите ги влошија болестите што гноеја со децении на европската територија. Одговорите на владите само го влошија проблемот. За да ги зачуваат работните места, тие ги насочија своите субвенции првенствено на работодавците, оставајќи ги потрошувачите без резерви од пари кога дојде ценовниот шок.
Во минатото значителниот индустриски извоз на континентот можеби беше од голема помош. Но постепеното закрепнување во Кина, која е клучен пазар за Европа, го поткопа растот. Високите трошоци за енергија и неконтролираното ниво на инфлација на ниво што не е забележано од 1970-тите ја намалија ценовната предност на производителите на меѓународните пазари и ги нарушија некогашните хармонични работни односи на континентот. Како што заладува глобалната трговија, големото потпирање на Европа од извозот, кој сочинува околу 50 отсто од БДП на еврозоната наспроти 10 отсто за САД, станува слабост.
Приватната потрошувачка е намалена за околу еден отсто во 20-члената еврозона од крајот на 2019 година по приспособувањето на инфлацијата, според Организацијата за економска соработка и развој. Во САД, каде што домаќинствата уживаат силен пазар на труд и зголемени приходи, тој е зголемен речиси за девет отсто. Европската Унија (ЕУ) сега учествува со околу 18 отсто од целокупниот удел во глобалната потрошувачка, во споредба со 28 отсто на Америка. Пред 15 години, ЕУ и САД претставуваа околу една четвртина од тој вкупен износ. Приспособени за инфлацијата и куповната моќ, платите се намалија за околу три отсто од 2019 година во Германија, за 3,5 отсто во Италија и во Шпанија и за шест отсто во Грција.

Поскапување на потрошувачката кошница

Кризата навлезе длабоко во средната класа. Во Брисел, еден од најбогатите европски градови, наставниците и медицинските сестри почнале сè почесто да купуваат производи што се на половина цена. Исто така, Европејците сè поретко купувале скапи намирници. Германците консумирале 52 килограми месо по лице во 2022 година, околу осум отсто помалку од претходната година и најниско ниво од почетокот на пресметките во 1989 година. Иако дел од тоа ги одразува грижите за здрава исхрана, експертите сметаат дека трендот е поттикнат од цените на месото, кои во последните месеци се зголемија и до 30 отсто. Според Федералниот информативен центар за земјоделство, Германците исто така го заменуваат месото како говедско и телешко за поевтино, како што е живината.

Јаз меѓу американскиот и европскиот потрошувач

Слабата потрошувачка и лошите демографски изгледи ја прават Европа помалку привлечна за бизнисите, кои сè почесто се селат во Северна Америка. Главниот финансиски директор на „Унилевер“, Греам Питкетли, вели дека американскиот потрошувач е поотпорен отколку европскиот. Економијата на еврозоната порасна за околу шест отсто во изминатите 15 години, мерено во долари, во споредба со 82 отсто за САД, според податоците на Меѓународниот монетарен фонд. Тоа ја направи просечната земја на ЕУ посиромашна по жител од секоја американска сојузна држава, освен Ајдахо и Мисисипи, според извештајот на Европскиот центар за меѓународна политичка економија со седиште во Брисел. Ако продолжи сегашниот тренд, до 2035 година јазот меѓу економското производство по жител во САД и ЕУ ќе биде исто толку голем како оној меѓу Јапонија и Еквадор денес, се наведува во извештајот.

Стар рецепт за нов проблем

Слабиот раст и зголемените каматни стапки ги оптоваруваат дарежливите социјални држави во Европа, кои обезбедуваат популарни здравствени услуги и пензии. Европските влади сметаат дека старите рецепти за решавање на проблемот стануваат недостапни или престанале да функционираат. Три четвртини од илјадниците милијарди евра во субвенции, даночни олеснувања и други форми на олеснување завршија кај потрошувачите и бизнисите за да ги надоместат повисоките трошоци за енергија – нешто што економистите велат дека сега само ја поттикнува инфлацијата, поразувајќи ја целта на субвенциите. Исто така, кратењата на јавните трошоци по глобалната финансиска криза удрија по европските здравствени системи финансирани од државата, особено Националната здравствена служба на Велика Британија.
Хју Пил, главен економист на Банката на Англија, ги предупреди граѓаните на Велика Британија дека треба да прифатат дека се посиромашни и да престанат да се залагаат за повисоки плати. Со оглед на тоа што европските влади треба да ги зголемат трошоците за одбрана и земајќи ги предвид зголемените трошоци за задолжување, економистите очекуваат даноците да се зголемат, што ќе додаде притисок врз потрошувачите. Даноците во Европа се веќе високи во однос на оние во другите богати земји, што е еквивалентно на околу 40-45 отсто од БДП во споредба со 27 отсто во САД.


Словаците се најмалку задоволни од насоката во која се движи нивната држава

Овој инфографик покажува што мислат граѓаните за моменталната насока во која се движи нивната држава. Во она што можеби би требало да биде вознемирувачки резултат за актуелното лидерство на Шпанија, 71 отсто од анкетираните во земјата во пролетното издание на „Евробарометар“ сметаа дека работите во државата не одат во вистинската насока, наспроти 20 отсто што го мислат спротивното. Овој удел на негативни одговори е повисок од просекот од 61 отсто во Европската Унија (ЕУ), при што Шпанија е една од шесте земји-членки заедно со Словачка (75 отсто), Грција (74 отсто), Франција (73 отсто), Хрватска (71 отсто) и Шведска (71 отсто) каде што поголем процент луѓе мислат дека нивната земја е на погрешен пат.