Фото: Фејсбук / Кајакарска федерација на Словенија

Состојбата со поплавите во Словенија не е подобрена. Многу реки во централна, северна и источна Словенија се уште се поплавуваат, јавија локалните медиуми. Најмалку три лица загинаа во невремето и катастрофалните поплави што ја зафатија Словенија, објави Словенечката новинска агенција СТА. МНР ги повикува нашите граѓани да ги напуштат загрозените подрачја во Словенија.

Реката Сава се поплавува во поголеми размери, во долниот тек во наредните часови ќе го достигне својот најголем проток. Во текот на ноќта евидентирани се бројни интервенции низ државата, дежурни екипи и надлежни служби се на терен и продолжуваат со отстранување на настанатите последици и помагање на населението, јавија словенечките медиуми.

Министерот за одбрана Марјан Шарец на прес-конференција синоќа најави дека Словенија ќе побара меѓународна помош, а еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич во наредните денови ќе ја разгледа состојбата во земјата.

Во 11 часот ќе заседава Советот за национална безбедност, а потоа и Владата.

Според предвидувањата на премиерот Роберт Голоб, ќе биде прифатен предлогот за измена на законот за отстранување на последиците од елементарни непогоди, кој првично беше планиран по одморите.

Неколку места во земјата се уште се отсечени. Меѓу нив е и општина Межица. Како што напишаа во соопштение, за нив тоа е катастрофа каква што не паметат.

-Во моментов сите граѓани се безбедни. Сепак, ситуацијата се уште се менува од минута во минута. Цел ден беа активирани сите надлежни служби во општината кои се обидуваа да ја решат или ублажат штетата. Ни помагаат од словенечката Армија и пожарникари од Мурска Собота. Состојбата во нуклеарната централа Кршко е стабилна и под контрола – соопшти словенечката управа за нуклеарна безбедност, откако од електраната констатирале дека забележале „ненормален настан“ поради големиот проток и високиот водостој на реката Сава.

-Нивоата на Сава се уште не се доволно високи, изјави Томаж Немец од Дирекцијата за нуклеарна безбедност – јавија словенечките медиуми.

Поради големото невреме во Словенија, затворени се бројни патишта и автопатишта низ целата земја. Министерството за надворешни работи ги повика сите граѓани на Македонија кои се наоѓаат во Словенија да ги напуштат загрозените подрачја, особено оние покрај реките.

– Ги повикуваме сите граѓани на Република Северна Македонија да ги напуштаат загрозените подрачја, особено подрачјата покрај реките. Исто така ги повикаме граѓаните кои планираат да патуваат во Словенија или транзитираат преку неа, да проверат кои патишта се слободни – се наведува во соопштението од МНР.

Воедно, од Министерството ги замолуваат нашите граѓани, доколку се наоѓаат во погодените региони и имаат потреба од евентуален помош да ја контактираат Амбасадата на Македонија во Љубљана, на следните телефонски броеви: +386 1 421 00 21; +386 41 544 222 или на следната е-маил адреса [email protected].

Дополнително, нашите државјани може да се обратат и до Министерството на дежурниот телефонски број +389 75 273 732 и следната е-меил адреса: [email protected].